СДСМ: Владата активно работи на проблемите со младинската невработеност и образованието

 

Како што се обврза, Владата предводена од СДСМ, политиките за младите ги креира и реализира заедно со младинските организации и заедници, велат од СДСМ преку соопштение до медиумите.

Оттаму информираат дека политиките коишто сега се спроведуваат претставуваат нова вредност со што се потврдува намерата за градење напредно општество, еднакво за сите, во кое младите имаат суштинска улога.

„Владата предводена од СДСМ ја усвои Информацијата за имплементацијата на младински политики со воведувањето на мерката Гаранција за млади. Целта е на младите лица, во период од четири месеци од денот на евиденција во Агенција за вработување, да им обезбеди квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство.

Со 16,5 милиони евра Владата предводена од СДСМ ќе ги стимулира програмите и мерките за вработување за млади во оваа 2018 година. Со овие мерки се овозможува вклучување на млади лица во различни обуки за стекнување знаења за побарувани занимања на пазарот на трудот.

Преку Планот за економски раст, започнати се процеси за финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите и покривање до 30% од трошоците со кои ќе се стимулираат обука и стручно усовршување на нововработени млади лица.

За подобрување на образованието предвидени се една милијарда и 270 милиони денари. За првпат се обезбедуваат 80 милиони денари за подобрување на условите во ученичките и студентските домови, а за зајакнување на студентскиот стандард планирани се 660 милиони денари, што е за 50 милиони денари повеќе од претходната година“, стои во соопштението на СДСМ.

Велат дека ова се само дел од мерките што се содржани во Гаранцијата за млади, а коишто за крајна цел имаат намалување на младинската невработеност, зголемување на ученичкиот и студентскиот стандард и сериозни инвестиции во образованието.

 

 

 

 

21.03.2018 - 12:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега