Министерот Џафери се сретна со словенечкиот колега Јакич
Развојот на билатералната и регионалната соработка, како и можностите за користење на армискиот полигон „Криволак“ и регионалните центри во Република Македонија, како Регионалниот центар за односи со јавноста, беа темите на кои разговараа министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери и неговиот словенечки колега, Роман Јакич.
На средбата, министерот Џафери укажа на отвореноста на Република Македонија за зацврстување на соработката преку образованието, при што стана збор и за можноста питомци од Словенија да се школуваат на Воената академија во Скопје, а воедно понуден беше и Центарот за обука на пилоти, кој се развива во рамките на Министерството за одбрана.
- Одличните билатерални односи помеѓу двете земји се потврдени и преку досегашната соработка на полето на одбраната и безбедноста, но и преку принципиелниот став и цврстата поддршка која Република Словенија и ја дава на Република Македонија во напорите за интеграција во евроатлантските структури, НАТО и ЕУ, заклучија министрите Џафери и Јакич на средбата во Словенија.
Соработката на двете министерства е регулирана во 1994 година со потпишувањето на Рамковниот договор за соработка, со што опфатени се повеќе подобласти како военото образование, заштитата на околината, помошта при природни катастрофи, воено-техничката и воено-научната област. Од 2007 година, на АП „Криволак“ во континуитет се реализираат значајни заеднички вежбовни активности, како гаѓањата на цели во воздушен простор со ракетниот систем „Игла“.