Почнува промоцијата на македонската култура во Марсеј и Нице

 

Од денеска до 15 септември ќе се промовира македонската култура во Марсеј и Нице.  

Според најавите од Министерството за култура, министерката Елизабета Канческа-Милевска вечерва во музејот „Куќа на занаетчиството и уметничките занаети“ во Марсеј свечено ќе ја отвори изложбата на традиционални носии и накит од Македонија на НУ Музеј на Македонија.

Изложбата ќе биде одлична можност за граѓаните и посетителите да се запознаат со македонското богатство на рачно изработени македонски носии со богат колорит и везени декорации кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи. Зоран Маџиров дополнително ќе го зачини отворањето на изложбата со своето музицирање на стаклени шишиња.

Република Македонија и нејзините уметници ќе бидат дел и од 7-те  Франкофонски игри што ќе се одржат од 7 до 15 септември во Ница. На Македонија и е четврти пат да присуствува на оваа најмасовна спортска и културна манифестација во светот по Олимписките игри. На Франкофонските игри, меѓу претставници на 70 земји од светот, ќе не претставуваат уметниците: Ѓорѓе Јовановиќ (фотографија), Горан Менков (сликарство), Ана Ивановска (скулптура-инсталација), Индиго-квартет и Искра Шукарова (танци), студиото „Брејк а лег“ (хип-хоп) и групата „Д-Џон“ (музика).

Како што се вели во соопштението од Министерството за култура, активностите што ќе се реализираат во Марсеј и во Ница, се уште една потврда за одличната соработка меѓу Република Македонија и Република Франција во областа на културата.

05.09.2013 - 10:02
Фото: 
влада.мк

најчитано сега