Сашо Лазаревски од ВМРО-ДПМНЕ стана претседател на Советот на општина Карпош

 

Сашо Лазаревски, носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на втората седница на Советот од новиот четиригодишен мандат, со 14 гласа „за“ беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош. Во гласањето не учествуваа советниците од СДСМ, кои декларативно ја напуштија седницата зошто, според нивното убедување, не биле адекватно известени за одржувањето на седницата. 

Седницата ја отвори Даница Мартиновска, како најстар член на Советот, по што беше усвоен дневниот ред на седницата, кој содржеше две точки. Првата точка од дневниот ред се однесуваше на изборот на претседател на Советот, за која, советниците на СДСМ ја напуштија седницата. Како следен најстар член од Советот раководството од советниците кои останаа, претседавањето го презеде Панче Стојановски, кој побара да се изнесат предлози за иден претседател на Советот на општина Карпош. Бидејќи Сашо Лазаревски беше единствен предложен, тој со 14 гласа „за“ беше избран за претседател на Советот.

Новоизбраниот претседател, Сашо Лазаревски, во своето пригодно обраќање, на присутните советници им се заблагодари  за довербата, и на тие што гласаа за него и на останатите, со надеж дека со сите ќе има конструктивна соработка. Тој, притоа, истакна дека во следните четири години, со оглед на функцијата што ја доби, ќе биде секогаш отворен за соработка со сите советници, без оглед на тоа на која политичка партија и припаѓаат.

Втората точка од дневниот ред ја проследија и советниците од СДСМ и заедно со своите колеги, без дискусија, едногласно, ја изгласаа, акција се однесуваше на набавка на моторно патничко и товарно возило за потребите на Општина Карпош.