Груевски до Мијатовиќ: Кежаровски го прекрши законот и затоа е во притвор - Владата нема ингеренции да се меша во неговиот случај
Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска испратил писмо до претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ. Пресс24 интегрално ви го пренесува писмото на Груевски до претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите.
Почитувана г-ѓа Мијатовиќ,
Ви благодарам за Вашето писмо и за интересот кој го покажувате за судскиот предмет на г. Томислав Кежаровски. Заслужува почит Вашата загриженост за мерката притвор која му е изречена на г. Кежаровски, иако би сакал да обрнам внимание дека појдовните претпоставки врз основа на кои ги темелите Вашите тези и залагања, не целосно кореспондираат со фактичката состојба, како и со правниот поредок и овластувањата кои ги има извршната власт на мојата земја.
Дозволете ми најнапред да истакнам дека Владата на Република Македонија во целост се залага за почитување на принципот на владеење на правото и за целосно почитување на принципот на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на земјата (член 8 од Уставот на РМ). Како претседател на Владата обрнувам особено внимание за доследно почитување на начелото на еднаквост на граѓаните, не само затоа што тоа претставува еден од основите на граѓанските слободи и правата утврден во Уставот на Република Македонија (член 9 став 2 од Уставот), туку и затоа што еднаквоста е еден од столбовите на демократските политички системи. Еднаквост во правата, но и еднаквост во обврските.
Имајќи го во предвид наведеново, се надевам дека ќе се сложите со мене дека не би смеело да се дозволи поедини граѓани да имаат привилегиран третман во однос на почитувањето на обврските кои им се налагаат со одделни закони, во зависност на тоа со каква професија се занимаваат. Ниедна професија не смее да биде амнестирана од законот, вклучувајќи ја тука и професијата новинар, која по својата благородност и значајност за демократските процеси во една држава можеби предничи во однос на повеќето професии. Исто така, се надевам дека ќе се согласите со мене дека начелото на поделба на власта не дозволува на извршната власт да интервенира и дерогира одредени судски одлуки, колку и да не се согласува со истите и колку и да таквите одлуки можат да наштетат на имиџот на земјата.
Во насока на појаснување на одредени состојби во врска со предметот на г. Кежаровски, би сакал да Ви укажам на одредени моменти во содржината на Вашето писмо кои ја замаглуваат фактичката состојба и кои на Вашите добри намери им даваат погрешен правец. Се сложувам со Вас дека затворањето на новинари за нивното пишување не е прифатливо во едно демократско општество, како што велите во Вашето писмо, но дозволете ми да истакнам дека г. Кежаровски не е притворен заради неговото пишување, туку затоа што е обвинет за повреда на Законот за заштита на сведоци, што е пропишано како кривично дело во наведениот закон. Системот на заштита на сведоци претставува значајна алатка во борбата со криминалот и не смее да се дозволи ваквиот систем на било каков начин да се корумпира. Како пример за тоа колку е значајна заштитата на сведоци и колку внимание се обрнува на ова прашање, би го посочил Хашкиот трибунал кој покрена постапки и осуди четворица новинари за откривање на идентитет на заштитен сведок.
Оттука, потребно е со особено внимание да се разгледуваат сите случаи на повреда на овој закон и да не се дозволи да се врши било каков притисок на правосудните власти при третирањето на предмети со вакви кривични дела. Во оваа насока, би сакал да го искажам своето мислење дека е непримерно да се доставува копија од ова писмо на претседателот на Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје И, бидејќи колку и да е тоа добронамерно, истото може да биде сфатено како своевиден притисок на судот, што верувам не е Ваша интенција. Од истите причини, би сакал да истакнам дека е непримерно да барате и асистенција од мене, како претседател на Владата, да Ви се дозволи да го посетите г. Кежаровски во притвор. Посетата на притвореници е прецизно регулирана со Законот за кривична постапка, каде што таксативно е наведено кој може да посети притворено лице. Јас не би се осмелил да судам дали Вие имате право или не да го посетите, туку само би истакнал дека е потребно да се поклони верба во надлежните судии, кои се единствено овластени да одлучат на кого може да му се дозволи да направи посета и дека секоја интервенција на извршната власт би го поткопала уставниот поредок на земјата и би ги загрозила основните вредности на едно демократско општество.
На крај би сакал да истакнам дека Владата, како и во сите судски предмети, целосно се држи настрана од предметот на Томислав Кежаровски. Ниту Владата побарала да му се изрече мерка притвор на г. Кежаровски, ниту влијаела на надлежните судии во одлучувањето по оваа мерка. И покрај тоа што поедини структури се обидуваат да го исполитизираат овој предмет, и покрај тоа што истиот може да се злоупотреби за нарушување на имиџот на Република Македонија, Владата принципиелно ќе продолжи да се држи на страна но и внимателно да го следи текот на судската расправа по овој предмет, бидејќи тоа е единствениот правилен и можен начин за постапување.
Се надевам дека ќе имате разбирање за позицијата на Владата и ќе ги прифатите моите добронамерни укажувања. Упатувајќи Ви изрази на високо почитување, се надевам дека нашата соработка ќе продолжи со несмален интензитет во насока на подобрувања на слободата на медиумите и на професионалните стандарди на новинарите.