Новоизбрани пратеници во Собранието на студиска посета во Брисел

 

Во рамките на Програмата за поддршка на парламентите од земјите на Западен Балкан и Турција, во организација на Европскиот парламент, на 22 и 23 јануари 2018 година во Брисел се реализира студиска посета за новоизбрани пратеници од Собранието на Република Македонија, информираат од одделението за односи со јавност на Парламентот.

На студиската посета учествува делегација од пратеници во Собранието на Република Македонија, во состав: Теута Биљали, Ејуп Аљими, Aгим Шаќири, Петар Атанасов и Јулиана Николова, стои во соопштението.

Учесниците во студиската посета ќе остварат билатерални средби со потпретседатели на Европскиот парламент, претседатели и членови на различни комисиии, претседателите на делегациите на Европскиот парламент со парламентите на земјите со кандидатски статус, европратеници, високи претставници од Европската комисија, претставници од Советот на Европската Унија и други, се нaведува во соопштението.

Учесниците ќе присуствуваат и на седница на Комисијата за надворешна политика (АФЕТ) на која ќе се обрати министерката за надворешни работи од Република Бугарија, Екатерина Захариева, во контекст на претседавањето на Република Бугарија со Советот на Европската унија.

Целта на студиската посета е да се споделат искуствата на Република Македонија, Република Албанија и Република Косово во евроинтегративниот процес, како и визиите согласно стратегијата на Европската комисија и на Советот на ЕУ за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија до 2025 година.

 

 

 

22.01.2018 - 18:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега