Ресен ќе добие локален економско-социјален совет

 

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски и градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски, денеска постигнаа договор за основање локален економско – социјален совет (ЛЕСС) на Општина Ресен.

Како што беше истакнато на состанокот, преку ЛЕСС се воспоставува демократски и социјален дијалог кој придонесува за надминување на предизвиците и  водење економско-социјалната политика во општината со цел унапредување на животниот стандард на граѓаните во општините преку подобрување на деловното опкружување во локалната заедница, развој на претприемништвото и на социјалната политика, носење стратегии и акциски планови за развој на пазарот на трудот, како и зголемување на можностите за вработување на младите и други области.
 
Социјалниот дијалог  на локално ниво треба да ги вклучи сите видови преговарање, договарање и размена на информации меѓу претставниците на локалната власт и социјалните партнери, синдикатите и органзациите на работодавачите за прашања од заеднички интерес.

- Заедничкото дејствување на локалните власти и социјалните партнери може да разреши многу значајни и приоритетни локални предизвици кои индирекно влијаат и на состојбите на национално ниво, рече министерот Спасов. 

Осврнувајќи се на социјалниот дијалог на национално ниво, Спасов истакна дела во изминатиот период Владата заедно со социјалните партнери вложи огромни напори за обезбедување ефикасен и функционален социјален дијалог.

- Социјалниот дијалог на национално ниво се одвива преку работата на Економско-социјалниот совет кој служи како форум за трипартитни консултации меѓу Владата и социјалните партнери, синдикатите и организациите на работодавачи за економски и социјални прашања, како и прашања од областа на трудот чија работа покажа дека  е од огромно значење за економската и социјалната сфера. Токму затоа во континуитет се работеше на јакнење на капацитетите на социјалните партнери и тоа преку реализирање на многу обуки, семинари, работилници, конференции исклучиво за нивни потреби, рече министерот.

Веќе е воспоставен, додаде, партнерски пристап за многу прашања од економската и социјална сфера, како што се подготовка на закони и стратегиски документи. - Следејќи ги искуствата и сознанијата во меѓународната пракса, социјалниот дијалог во земјата треба да биде  важен инструмент и механизам во креирањето и имплементирањето на политиките и мерките во областа на економската и социјална сфера, заклучи Спасов.

Моментно локални економско-социјални совети (ЛЕСС) функционираат во Битола, Штип, Куманово, Кавадарци, Струмица и Тетово.

01.09.2013 - 14:06
Фото: 
влада.мк

најчитано сега