Груевски: Да се реши проблемот во Октиси и да стивнат тензиите
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека треба да се најде решение за недоразбирањата околу изградбата на црква во струшко Октиси и да продолжи добриот соживот на жителите во селото.
- Мој став е дека треба да се најде решение, не треба едни со други да се попречуваме. Тоа било мој став секогаш и во секоја ситуација, треба со ладни глави да се размисли дека треба да се живее и понатаму и дека тие луѓе живеат заедно со години, со децении, ако гледаме повеќе историски со векови во смисла на нивните предци, така што добро е да се смират страстите, да се седне, да се разговара и да се најде решение да се надмине тој проблем. Тие треба да продолжат пак да живеат заедно и не е добро да се гледаат попреку, да се гледаат како непријатели или да гледаат кој, кому и како да наштети, рече премиерот Груевски, кој во болницата „8 Септември“ присуствуваше на промоција на нова медицинска опрема.
Груевски истакна дека жителите на Октиси треба да се помагаат, да се држат едни со други, да живеат во еден соживот како што со векови живееле, а не да се попречуваат за што било.