„Стопирање на изградбата на црквата е најдобро решение“ - Села не сака тензии и тепачки во Октиси

 

Градоначалникот на општина Струга Зијадин Села и митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј денеска во седиштето на епархијата во Охрид одржаа средба во врска со изградбата на црква во село Октиси, за која во неделата жителите од христијанска вероисповест беа спречени од нивните сожители муслимани да ги осветат темелите.

Ваквите поединечни средби, според Села, се подобри за решавање на ситуацијата, за што рече дека ќе даде свој придонес верските заедници да се договорат.

 - Не бевме на средбата да се договориме нешто. Нашата цел е граѓаните да живеат мирно и спокојно и да немаме вакви проблеми. Ни најмалку не ни требаат верски проблеми меѓу граѓаните што живеат во Македонија. Тоа е верски проблем и јас само ќе го дадам мојот придонес за верските заедници да се договорат, изјави Села по средбата.

Струшкиот градоначалник уште еднаш повтори дека времената мерка што вчера ја побарал од судот за запирање на Решението за градба на параклисот во село Октиси моментно е најдобро решение.

- Времената мерка не е за забрана, туку привремено запирање на активностите.Рокот што го имаат православните до 30 септември, со времената мерка ќе се продолжи, со што ќе си дадеме простор страстите да паднат и верските заедници да седнат да се договорат. Времената мерка е најдобрто решение заради безбедносни причини, нагласи Села.

По средбата, од епархијата не дадоа изјава и најавија дека разговорите ќе продолжат.

Жителите од христијанска вероисповест во неделата беа спречени од нивните сожители од муслиманска вероисповест во поставувањето темели за изградба на параклис во селото. Полициски кордон ги делеше двете групи да не настане поголем инцидент, по што претставници од двете верски заедници на која присуствуваа градоначалникот Села и митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се договорија за денеска да разговараат за надминување на проблемот. Изградбата на црквата Св. Димитрија, според Вевчанската парохија, требало да се гради на плац од МПЦ, на местото каде што постоело објект, кој поради дотраеноста бил срушен, за што постоеле документи и фотографии. 

30.08.2013 - 12:47

најчитано сега