Денеска ќе се крои судбината на црквата во Октиси
Градоначалникот на Струга Зијадин Села поднел барање до судот за воспоставување времена мерка за Решението за градба на параклисот во село Октиси додека се изнајде решение за проблемот и да се смират страстите меѓу жителите во селото од христијанска и муслиманска вероисповест.
Жителите од христијанска вероисповест во неделата беа спречени од нивните сожители од муслиманска вероисповест да постават темели за изградба на параклис во селото. Полициски кордон ги делеше двете групи да не настане поголем инцидент, по што претставници од двете верски заедници на средба на која присуствуваа градоначалникот Села и архиепископот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се договорија утре да разговараат за надминување на проблемот.
- Работам на смирување на тензиите. Од судот побарав времена мерка додека се реши ситуацијата и да се смират тензиите. Времената мерка ги остава работите вака додека се створат услови за работа. Со времената мерка што ја побаравме рокот за градба на црквата, кој истекува на 30 септември ќе се продолжи, појасни Села.
Денеска, во обид да се најде решение, за проблемот ќе разговараат владиката Тимотеј, градоначалникот на Струга Зијадин Села, поглаварот на Исламската Верска Заедница во Струга, Салим Сулејмани и претставници на верските заедници.
Изградбата на црквата Св. Димитрија, според Вевчанската парохија, треба да се гради на плац од МПЦ, на местото каде што постоело објект, кој поради дотраеноста бил урнат, за што постоеле документи и фотографии.