Почина повредениот во сообраќајката кај Охрид - утврден неговиот идентитет
Почина 69 годишниот охриѓанец кој попладнево учествуваше во тешката сообраќајна несреќа што се случи на патот Охрид - Кичево во близина на селото Мешеишта. Како што јавува порталот ОхридНет станува збор за 69 годишниот П.К. од Охрид, кој и покрај интервенцијата на лекарите им подлегнал на повредите во Општата болница во Охрид.
Информацијата има и официјална потврда од полицијата од каде додаваат дека повредено е уште едно лице, но тоа е надвор од животна опасност.
Според првичните информации на СВР охрид, до незгодата дошло во момент кога патничко моторно возило марка Сузуки со охридски регистарски таблици, од спореден пат од селото Мешеишта се вклучувало на магистралниот пат. Притоа, врз возилото управувано од сега починатиот налетало патничко моторно возило марка Форд Мондео со скопски регистарски ознаки во кое имало четири лица. Ова возило се движело во правец од Охрид кон Кичево.
Сè уште трае увидот на местото на незгодата што го вршат увидна екипа на охридската полиција во присуство на истражен судија и јавен обвинител од основниот суд во Охрид како и овластен судски вештак. Сообраќајот на овој дел од магистралниот пат се пренасочува по споредните улици на селото Мешеишта.