Бесими собира поени за Македонија во Литванија
Земјата вложува максимални напори за исполнување на сите преземени обврски и реализација на предвидените активности во делот на европска интеграција, истакна вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими на средбата со литванскиот министер за надворешни работи на Линас Линкевичиус.
Бесими, кој е во работна посета на Литванија која е претседавач со Европската унија, се осврна на статусот на реализација на обврските кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво и на останатите реформски процеси од европската агенда и го информираше за заклучоците и препораките од Извештајот кој го усвои ад хок Комисијата за настаните од 24 декември, а кој беше обврска од Мартовскиот договор.
- Веруваме дека постигнатиот напредок ќе биде соодветно нотиран во есенскиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Покрај тоа, важно е да се продолжи и со унапредување на односите со земјите од соседството и регионот при што фокусот треба да се стави на решавање на отворените билатерални прашања. Исто така, очекуваме Литванија како земја претседавач со ЕУ и пријател на нашата земја на декемврискиот самит на Унијата да ја поддржи препораката за определување датум за почеток на пристапните преговори, истакна Бесими.
Министерот Линкевичиус го поздрави потпишувањето на Договорот за настаните од 24 декември и нагласи дека е од особена важност во наредниот период земјата да се фокусира на продолжување на приговорите со Грција за изнаоѓање взаемно прифатливо решение за прашањето со името, да се имплементираат обврските од договорот од 1 март и да се продолжи дијалогот со новинарите за состојбата со медиумите.
Вицепремиерот Бесими истакна дека во изминатиот период се остварени значајни резултати во однос на сите приоритетни области опфатени со Пристапниот дијалог.
Во тој контекст беа посочени декриминализацијата на клеветата и навредата и воведувањето на праксата за континуирана обука за судиите кои решаваат предмети од оваа област, активностите за реформа на изборното законодавство и проверка на Избирачкиот список, позитивниот тренд во намалувањето на заостанатите предмети во судовите, воведувањето систем на кариера за напредување во судската кариера, реформите во јавната администрација и во областа на економијата.
Вицепремиерот исто така се сретна и со заменик претседателот на Парламентот на Република Литванија Витаутас Гапшис и со претседавачите на парламентарните комисии за европски прашања, надворешни работи и Групата за интерпарламентарна соработка со Западен Балкан, како и со претставници на Европскиот институт за родова еднаквост.