50% поголема парична помош за самохраните родители на деца со пречки во развојот
Двесте и шеесет самохрани родители на деца со пречки во развој ќе добијат зголемување на паричната помош во висина од 50 проценти на онаа што досега ја земаа, ова денеска на прес-конференција го кажа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
- Самохраните родители на деца со пречки во развој, кои досега добивале по 4.280 денари, од почетокот на 2014 година ќе земаат по 6.420 денари, рече Спасов.
За буџетот за 2014 година ќе се обезбедат дополнителни средства во висина од 6.676.000 денари, а за реализација на оваа предлог мерка следи измена во Законот за заштита на децата која ќе биде доставена до Владата до крајот на септември кој потоа ќе биде доставен до Собранието на Македонија.
Спасов истакна дека Министерството и Владата континуирано ги спроведуваат мерките за унапредување на положбата на родителите на децата и децата со пречки во развојот и дека ќе останат посветени на оваа област, а не ја исклучува и можноста дека и во иднина ќе произлезат дополнителни мерки за поддршка.