Македонците од соседството бараат чаре за да си гледаат МТВ
Македонците од Албанија апелираат до надлежните институции во Македонија да се изнајде решение и да им се даде можност да го примаат сигналот на МТВ и како и до пред дигитализацата да може да следат програмата, која, како што велат, има голема улога во зачувување на македонскиот идентитет меѓу Македонците во Албанија и Грција.
Васил Стерјовски, македонски активист во Албанија, вели дека по исклучувањето на аналогниот сигнал на МТВ има реакции од Македонците во Албанија и во Грција, кои бараат колку што е можно поитно да се најде решение за овој проблем.
- Ние со програмите на МТВ сме израснати, со Бушавата Азбука, народните приказни, Тврдокорни, разните документарни емисии и македонските песни со кои се одржувал македонскиот дух меѓу Македонците во Албанија. До сега, во Албанија, во областите каде што живее македонско население, сигналот на МТВ можеше да се фати со обична антена во областите Мала Преспа, Голо Брдо, во с.Врбник, но и во градовите Корча, Поградец и Билишта. Исто така, сигналот на МТВ зрачеше и во Егејска Македонија, во градот Лерин и во селата во Леринска околија, изјави Стерјовски.
Според него, решение би било надлежните институции во Република Македонија да дозволат МТВ да не ги исклучува репертиторите поставени во близина на границата со Албанија и Грција и да продолжи да се емитува аналогниот сигнал на МТВ, затоа што ова е од национален интерес за Македонците во Грција и Албанија за зачувување на јазикот, културата, фолклорот и македонскиот идентитет
Стерјовски додава дека Македонците во двете соседни земји немаат право на македонски програми на националните телевизии во овие земји и се наоѓаат под притисок на асмилиција.
- Македонците што живеат во пограничните региони на овие земји до сега имаа можност да ги следат програмите на МТВ. Со дигитализација од први јуни 2013 година започна во Македонија со исклучувањето на аналогниот и вклучувањето на дигиталниот сигнал, ги остави Македонците во Албанија и Грција во информтивен мрак, наведува Стерјовски.
Според него, уште во времето на комунизмот кога беше забрането гледање македонска телевизија, Македонците во Албанија ја гледаа тогашна телевизија Скопје, поради што голем број Македонци биле казнувани и затворени.