Пратениците усвоија измени на повеќе одлуки

 

Републичкото Собрание, денеска, во рамки на 69.седница,  без расправа, усвои повеќе одлуки за измени во составите на комисии и делегации. Измените се поради вклучување на новоименуваните пратеници во собраниските тела на местото на Зијадин Села и Изет Зеќири, на кои им престана мандатот.

Усвоени се измени на одлуките за избор на претседатели, заменици на претседатели, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на РМ, за основање пратенички групи на Собранието на РМ за соработка со парламентите на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи за соработка со парламентите на други држави, како и за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците.

Пратениците ги поддржаа и измените на одлуките за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, за избор на шеф, членови и заменици-членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), како и  за избор на претседател, потпретседатели, членови и заменици - членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација.

Во Собранието во тек е пауза, на барање на пратеникот Беким Фазлиу од ДПА, во знак на протест од, според него, „непочитување на албанскиот јазик“.  Пратениците ќе продолжат со работа по останатите точки од дневниот ред во 15 часот.

26.08.2013 - 14:03

најчитано сега