Уште 2.466 ученици се запишаа во средно училиште

 

 

Во вториот уписен рок во јавните средни училишта, од пријавените  3.918 ученици, се запишаа  2.466, соопшти денеска  Министерството за образование и наука.

За настава на македонски наставен јазик се запишани 1.272  ученици, на албански  1.088, 84 на турски наставен јазик и 22 повторувачи.

Во двата уписни рока вкупно се запишаа  19.465  ученици. Слободни места по вториот уписен рок има за 15.436  ученици од кои 10.224  за настава на македонски наставен јазик, 4.513 на албански, 663  на турски, 33  на српски наставен јазик и 3 за повторувачи. Во гимназиско образование има 3.988 слободни места, во стручното 11. 310, во уметничкото 121, а во спортска гимназија 17.

Според соопштението, слободни места за запишување на ученици по вториот уписен рок има во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија. Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување согласно Конкурсот, продолжуваат со запишување на учениците до 30 август 2013 година.

Во Република Македонија во учебната 2012/2013 година осмо одделение завршија 22.900 ученици. Согласно измените на Законот за средно образование, средното образование од учебната 2008/2009 година е задолжително за сите ученици. За таа цел се обезбедени доволен број слободни места, вкупно 34.971 ученички места, во сите јавни средни училишта во Република Македонија, се вели во соопштението од МОН.

23.08.2013 - 15:20

најчитано сега