„Германците развиорија знаме на Скопје“ - навивачите на Шалке ја збеснаа Грција

 

„Германците развиорија знаме на Скопје“, „Германците провоцираа во Велтинс арената“ и „Полицијата интервенираше поради знаме на Македонија“, се само некои од насловите во денешните изданија на грчките спортски магазини.

На синоќешниот меч помеѓу Шалке и ПАОК, во рамките од плеј-офот во Лигата на шампионите, германските навивачи го развиорија знамето од Кутлеш, по што дошло до инцидент на трибините.

Според германските медиуми, грчките делегати кога го виделе знамето побарале да биде тргнато, па полицијата морала да интервенира. Тоа не им се допаднало на фановите на Шалке, па навивачката група УГЕ застанала во одбрана на знамето. Како резултат на инцидентот, хоспитализирани биле 50-тина навивачи.

За грчките медиуми целта на германските навивачи била да ги испровоцираат грчките фанови на ПАОК, но и фудбалерите. Делегатите од ПАОК биле лути поради „инцидентот“ и непријатно изненадени од постапката на Германците.

Според спорт.гр „се укажува на тоа дека на трибините имало и фанови на фудбалскиот клуб Вардар од Скопје, кои се во многу добри односи со навивачите на Шалке“.

- Проблематичното знаме не остана долго време на трибините и беше отстрането по интервенција на полицијата. За потсетување, УЕФА има стриктни правила за настаните од ваков вид и не дозволува никакви политички пораки, пишува спорт.гр.

22.08.2013 - 14:48

најчитано сега