По летниот одмор пратениците со полни раце работа - почнува расправата за медиумските закони

 

По летниот одмор денеска македонските пратеници започнуваат со работа. Во Собранието ќе заседаваат собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правната комисија. 

На дневен ред на Комисијата за транспорт, врски и екологија и на Законодавно-правната комисија се двата медиумски закони, предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање, како и Предлог - закон за изменување и дополнување на Законот за сигурност во железничкиот систем, во прво читање.

Владата до Собранието достави нови амандмани за медиумските закони, а амандмани најавија и неколку медиумски здруженија. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски ги најави владините интервенции во законите пред јавната расправа што се одржа на 13 август, но тогаш рече дека не ја исклучува можноста амандмани да бидат поднесени и како резултат на оваа расправа на која учествуваа и експерти од TAIEX, ОБСЕ и Советот на Европа.

Иако се очекува амандманската расправа да заврши до крајот на неделата, медиумските закони до денеска не се ставени на дневен ред на 69. седница закажана за во понеделник на 26 август.    

Пред оваа седница исто така в понеделник ќе заседаваат и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, образование, наука и спорт и за надворешна политика, како и Законодавно-правната комисија.

Првата седница по одморите Собранието ќе ја одржи во понеделник на 26 август.

20.08.2013 - 09:11

најчитано сега