Црвено-црната алијанса бара укинување на казната за инцидентите во Пустец
Крешник Спахиу, претседателот на Црвено-црната алијанса, поднесе тужба против одлуката на Комесарот за заштита од дискриминација со кој парично се казнува партијата за инцидентите предизвикани во општина Пустец на 16-ти ноември 2012 година.
Во тужбата до која дојде весникот Македониум, поденесена од Спахиу, до Основниот Суд 1 во Тирана, меѓу другото, стои дека „претензиите покренати од страна на Комесарот за заштита од дискриминација и општина Пустец се апсурдни и нереални“. Тоа, наведува тој, поради фактот што од страна на Црвено-црната Алијанса во општина Пустец не е превземена каква било насилна или дискриминирачка акција наспроти преставниците и заедницата во Пустец.
- Загриженоста што ја искажува Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец и донесените одлуки од страна на Комесарот не се поддржани со закон и со докази, и следствено овие одлуки се невалидни административни акти, стои во тужбата на Црвено-црната алијанса.
Со тужбата, која се повикува на Уставот на Република Албанија, Рамковната конвенција за заштита на малцинствата, како и Европската конвенција за правата на човекот, Црвено-црната алијанса бара укинување на административниот акт, за парична казна на Комесарот за заштита од дискриминација и покривање на судските трошоци од страна на Комесарот и Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец.
- Иако, во одлуката од 4-ти април, Комесарот оцени дека акциите и декларациите на партијата Црвено-црната алијанса се дискриминирачки за македонското малцинство во општина Пустец и дека вакви акции се типични престави на еден агресивен национализам и дискриминација на малцинствата помеѓу негирање на нивните права што им се гарантирани од меѓународните акти и внатрешната легислатива и неказнувањето на едно толку отворено дискриминирачко однесување тешко ќе ја минира самата цел на постоењето на Законот за заштита од дискриминација, сепак Комесарот се одлучи да ја казни Црвено-црната алијанса со минимална казна од 430 евра иако законот предвидува казна од 355 до 3.550 евра, вели Васил Стерјовски од македомската партија.
На 16-ти ноември 2012 година, во општина Пустец, членови на ултра националистичката партија, Црвено-црната алијанса ја оштетија патната сигнализација на општината, сигнализацијата на гимназијата, здраствениот дом и извикуваа националистички пароли, дека тоа е албанска земја и оти Македонците треба да си одат.
Овие напади и закани на Црвено-црната алијанса во општина Пустец ги осуди американскиот амбасадор во Албанија, Александар Арвизу. Во своето обраќање на 15. Меѓународна конференција за безбедност на Западен Балкан одржана во декември лани, американскиот дипломат рече дека: “Последните закани против македонското малцинство во Пустец од страна на некои погрешно насочени индивидуи, се целосно неприфатливи и треба категорично да се отфрлат од сите Албанци“.