Се обновуваат фасади од староградска архитектура на "Илинденска"

 

Конзерваторскиот центар-Скопје до крајот на годинава ќе изработи проекти за обнова на неколку фасади на улицата „Илинденска“, во рамки на повеќегодишниот проект за обнова и конзервација на повеќе фасади во значајните градски јадра, кој минатата година го почна Министерството за култура со надлежните институции.

Целта на проектот е зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и соодветен третман на споменичкото наследство.

Министерството за култура досега промовираше шест реконструирани фасади на значајни споменички целини на објекти на градски јадра во Крушево, Скопје, Охрид, Битола и Прилеп. 

Во Крушево беше промовиран првиот завршен проект - конзервацијата на фасада на семејна куќа со автентична стара крушевска архитектура. Завршена е и конзервацијата на фасадата на куќа на улицата „Битпазарска“ во Старата скопска чаршија, споменик на културата  од периодот меѓу двете светски војни. Обновени се фасадите на автентичните споменични целини во Охрид - куќата на семејството Бојаџиеви во стариот дел на градот и конзервација на фасадата од куќа на ул. „7 Ноември“. 

Целосно е обновена и внатрешната фасада на еден од најзначаните културно-историски споменици  во Битола - старата битолска касарна во која од 1975 година работи Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Битола. Во Прилеп, пак, беше целосно реставрирана надворешноста на куќата на Бектешовци, која е еден од ретките изворно зачувани примероци од староградската архитектура. 

19.08.2013 - 10:46
Фото: 
Скопјеинфо

најчитано сега