Заев ја презеде премиерската функција
Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата на Република Македонија ја презеде функцијата од Емил Димитриев. Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет.
- На чинот на примопредавањето на премиерскиот кабинет со техничкиот премиер во заминување Емил Димитриев разговаравме за сите неопходни детали што треба да ги знам согласно целиот протокол како што пропишуваат уредбите, изјави Заев по примопредавањето.
Додаде дека бил информиран за салите за состаноци, за помошните простории и за сето она што значи работен амбиент на премиерот.
- Бев запознат со состојбата во државата, секако таа не е сјајна, но не е и драматична, така беше пренесено. Ние кога ќе ги направиме увидите веднаш ќе ги соопштиме на граѓаните. Драго ми е што на еден ваков пријателски начин се направи примопредавањето, кое испраќа исто така позитивна порака за граѓаните дека без разлика на политичките околности, нашите политички позиции и некогаш спротивставени со политичките опоненти, сепак на сите им е јасно дека ќе си требаме еден со друг заради граѓаните, заради државата, заради реформите и за сето она што е интерес за граѓаните, истакна Заев.
Упатувајќи честитки до цела Македонија за новата Влада, Заев порача од политичарите мудро да ја водат државата исклучиво во интерес на граѓаните.
Претходно, членовите на Владата на Република Македонија беа примени од претседателот Ѓорге Иванов.
Новата Влада беше избрана во Собранието на Република Македонија ноќеска пред полноќ со 62 гласа „за“, 44 „против“ и пет „воздржани“
Владиниот кабинет има 25 министри. Радмила Шекеринска-Јанковска е избрана за министер за одбрана, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски за министер за финансии, Никола Димитров за министер за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за министер за образование и наука, Горан Сугаревски за министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска за министер за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија, Билен Саљији за министер за правда, за министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за министер за здравство Арбен Таравари и Роберт Алаѓозовски за министер за култура.
Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој како што е најавено ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи исто така е избран за министер без ресор но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците.
За министри без ресор се избрани и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Во текот на денот се вршат примопредавања на функциите во повеќе министерства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа