Претседателот Иванов преку видео врска им го честиташе Денот на АРМ на македонските мировници во БиХ и Авганистан

 

Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Ѓорге Иванов, денеска, по повод 18 Август – Денот на АРМ, ги прими генералите на Армијата и оствари видео врска со македонските мировници.

На средбата присуствуваа началникот и заменик-началаникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и генерал мајор Несер Сејдини, директорот на ГШ на АРМ, бригадниот генерал Димче Петровски, командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Методија Величковски, началникот на штабот на ЗОК, бригаден генерал Мухамет Рацај и командантот на Првата механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Стојан Димчов.

- Претседателот Иванов и раководството на АРМ разменија мислења и информации околу состојбата во Армијата, ангажманот на македонските мировници во мисиите „ИСАФ“ и „АЛТЕА“, како и за идните планови за развој, модернизација и унапредување на степенот на борбената готовност на АРМ, се вели во соопштението од прес-службата на претседателот Иванов.

За време на приемот, претседателот Иванов оствари видео врска со македонските припадници во мировната мисија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина и во мировната мисија „ИСАФ“, во Авганистан.

На македонските мировници,  Иванов им го честитал Денот на Армијата и ја поздравил нивната посветеност и професионализам во извршувањето на благородната мисија. - Република Македонија е горда на вас и на вашата храброст. Со придонесот кој го давате во градењето на светскиот мир, вие на најдобар начин ги претставувате сите реформи во македонската армија и го промовирате македонскиот пат кон евроатланските интеграции. Вашиот професионализам е за восхитување,“  им порачал претседателот на припадниците на мировните мисии.

Македонските мировници, според соопштението, се заблагодариле за упатените честитки и пофалби, како и за постојаната поддршка што ја добиваат од претседателот Иванов. Истакнале  дека и натаму храбро и достоинствено ќе ги извршуваат своите задачи, бранејќи ги заедничките вредности - мирот, слободата и демократијата.

16:12

најчитано сега