Котески: Никој нема право да посегне по угледот и рејтингот кој го ужива АРМ
Императивите, обврските и одговорностите кои произлегуваат од војничката професија, подеднакво ја делат сите припадници на АРМ, без разлика на чин, должност, национална, верска или полова припадност. Затоа, никој нема право да нанесува штета на се што изминативе години трпеливо и напорно е создавано и градено. Особено нема право да посегне по угледот и рејтингот кој Армијата го ужива.
Ова денеска го истакна началникот на ГШ на АРМ, Горанчо Котески по повод прославата на денот на Армијата.
Тој додаде дека благодарение на успешно спроведените реформи за релативно краток период АРМ успеа во НАТО да се наметне како Армија достигна степен на интероперабилност и оперативна способност.
-Од воена гледна точка, како армија дадовме максимум за НАТО, ги постигнавме стандардите, ги поддржуваме, соработуваме, ценети сме од партнерите и ние не можеме ништо повеќе да дадеме и направиме. Останува од нас како Армија да придонесуваме во регионалната и меѓународната безбедност и да ја одржуваме кондицијата и напредокот штоп сме го стекнале. Не се откажуваме од нашата стратегиска цел да станеме дел од воено-политичката алијанса, чија одлука не зависи само од воената, туку и од политичката елита, нагласи началникот на ГШ на АРМ.
Говорејќи за приоритетите за наредната година, тој информира дека фокусот ќе биде ставен на измени во Законот за служба во АРМ, за подобрување на војничкиот стандард, продолжување на имплементацијата на новата организациско-формациска структура на АРМ, модернизација на Армијата, подобрување на логистичката поддршка, како и подготовка на декларираните единици за учество во меѓународни мисии.
По повод одбележувањето на Денот на АРМ, 20 - тина старешини беа унапредени во чин полковник, потполковник и мајор, а беа врачени и плакети, значки, благодарници и други стимулативни мерки за припадниците на МО и ГШ на АРМ.
Во рамки на одбележувањето на 18 - Август, денеска на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ. Изложбата ќе ја посетат министерот Џафери и началникот на ГШ на АРМ, Котески.
Граѓаните утре ќе можат да го посетат Тактичко-техничкиот збор каде, покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе биде прикажан и борбениот хеликоптер Ми-24.
ФОТО: Курир