„Охридско лето“ продолжува со француското пијано дуо Соле-Лери – Шовел
Фестивалот „Охридско лето“ продолжува со концертот за две пијана со француските уметници Фредерик Шовел и Марк Соле – Лери.
Пијано дуото Соле-Лери – Шовел го сочинуваат двајца успешни пијанисти – претставници на француската изведувачка школа. Во текот на своето повеќегодишно постоење дуото се промовира како еден од најуспешните ансамбли од таков вид во Франција и надвор од неа, а неодамна стана добитник на наградата на конкурсот „Grieg“ во Осло. Ансамблот има изградена одлична меѓународна кариера на концертните подиуми во Европа и САД и редовно настапува на престижните фестивали и концертни серии во Франција, Полска, Шпанија, Русија и други земји. Музичарите настапуваат и со симфониски и камерни оркестри, изведувајќи концерти за две пијана.
Oд соработката со кубанско-американското пијано дуо Кирк Випл/Мерилин Моралес го оформија пијано-квартетот на Обединетите нации и одржаа концертна турнеја во Франција и САД.
Двајцата пијанисти предаваат на „Ecole Départementale de Musique des Alpes Maritimes“ и се уметнички директори на „Festival des Portes du Mercantour“ и „Festival de la Haute Tinée“. Во 2006 година тие го основаа Меѓународниот натпревар за четирирачно пијано во Валберг.
На програмата на вечерашниот концерт што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот се дела на Моцарт, Дворжак, Менделсон-Мошелес, Пуланк и Мијо.