ВМРО-ДПМНЕ: Крајно лицемерно е пратениците од СДСМ да повикуваат на конструктивност и почитување на правила и Деловник за работа на Собранието

Пратениците на СДСМ немаат апсолутно никакво право да говорат и да обвинуваат за кочење и блокирање на парламентарни процедури во Собранието на Република Македонија, бидејќи цела македонска јавност знае што и како СДСМ изминативе години правеше во Собранието на Република Македонија, истакнаа во својата реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегралниот текст од ВМРО-ДПМНЕ.

Крајно лицемерно и смешно е токму пратениците од СДСМ да повикуваат на конструктивност и почитување на правила, принципи и Деловник за работа на Собранието на Република Македонија.

Граѓаните знаат дека СДСМ и нејзините пратеници во многу наврати досега оневозможуваа нормално функционирање на Собранието, се обидуваа да блокираат донесување на голем број на позитивни законски решенија, поднесуваа илјадници неаргументирани и смешни амандмани, навредуваа, уништуваа собраниски инвентар, бојкотираа, не доаѓаа на работа и уште многу други недолични и несвојствени работи за една Пратеничка група.

За разлика од нив, пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш, така и овој пат, ќе ги почитува Уставот, законите и парламентарната пракса, но исто така потенцираме, ќе се бориме и силно ќе се спротивставиме на измамата која СДСМ ја направи со прифаќањето на Тиранската платформа и во ниту еден случај нема да престанеме да се бориме за заштита на државните и националните интереси на Република Македонија.

Како пратеници на ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да дозволиме разнебитување и уништување на државата со цел спас на криминогеното раководство на СДСМ од одговорност.

На крајот, најдобро за Република Македонија, за нејзините граѓани и за нејзината иднина ќе биде СДСМ и нејзините пратеници да ја разберат пораката на граѓаните од последните избори и да си ја прифатат улогата на губитник на изборите без разлика колку и да им е убаво кога од ДУИ им велат дека се победници.

 

 

 

23.03.2017 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега