Отец Јосиф: Верата и религијата не се фолклорно наследство

 

Тетовскко гостиварскиот митрополит Јосиф, во интервју за Прес24, оценува дека отпорот што се јавува кај граѓаните кога станува збор за апелите на црквата за црковно, наместо паганско празнување на некои од празниците е резултат на отуѓеноста од Бога и од духовниот начин на живеење, што во некоја смисла значи и недоволно познавање на својата вера.

-Второ, има голема одговорност за ова и кај нас, во црковниот клир, во нашиот начин на носење на одговорноста и задачата. А нешто доаѓа од и нашиот карактер како народ – тешко прифаќаме авторитети, тешко се прилагодуваме, се навикнуваме на поедноставни работи, каде што не треба да се прави подвиг, вели Отец Јосиф за Прес24.

Тој потсетува дека празниците се црковни, а неродни обичаи и затоа тие мора да се слават во согласност со учењето на црквата.

-Сметање на религијата за некакво помодарство или, пак, за фолклорно наследство. И тука се завршува – со формалноста, нема никакво пренесување на вистинските вредности од религијата и во својот живот и на своите предци, нема доволно познавање на нејзиното учење, нема живеење на истата. Затоа на нашата Црква и претсои подвигот за вистинско воцрковување на народот, вели г. Јосиф за Прес24.

Тој во интервјуто зборува и за развојот на тетовско-гостиварската епрхија, како и за функционирањето на верскиот соживот во овој регион, за кој вели дека функционира согласно традицијата на меѓусебна почит, без никакви проблеми.

Отец Јосиф во интервјуто за Прес24, одговара и на прашања поврзани со обвинувањето за живото на висока нога на црковниот клир и свештенствто.

ПРЕС24: Последниот апел на МПЦ да се напушти практиката во предвечерието на Бадник да се палат огнови, на кои се точи и пие ракија, вино и се тераат некакви народни веселби, не наиде на голем позитивен одек од верниците, но затоа се појавија многу критичари на идејата, тврдејќи дека се уништува некаква традиција?

Г. ЈОСИФ: Тоа беше пред сè иницијатива на Скопската православна епархија, со која раководи Неговото блаженство, бидејќи на нејзината територија е најмногу застапена оваа појава. Инаку, самата „традиција“, со целата своја содржина, не е христијанска, иако се прави во контекст на христијанскиот празник – Рождество Христово. Има премногу елементи кои не се во согласност со црковното предание, но и суштината на самиот празник: алкохол, изобилство на храна, која не секогаш е посна, световна музика – што е сосема спротивно на посниот период којшто сè уште трае и кој претставува начин за телесна и духовна подготовка за Божик; самиот чин и самата атмосфера придонесуваат кон дразнење на човекот, но и предизвикуваат за мотивирање на страстите и паѓање во искушенија; најважното – никаде го нема храмот и богослужението. И, бадниковите огнови не можат да се наречат традиција затоа што немаат никаква основа за своето постоење во учењето и преданието на Црквата, дури по својот карактер и се спротивни, а второ тоа е толку нова појава која постои од пред 20 години.  

ПРЕС24: Дали Божик, Бадник... се црковни или народни празници?

Г. ЈОСИФ: Секако дека се црковни празници. Народните празници се поврзани со одбележување на историски настани. И тука разликата е јасна. Историјата на нашиот народ е таква, што често се испреплетени државните и црковните празници – како Илинден и сл. Но ова не е случај со Божик и Бадник. Црковните празници се празнуваат во рамките на православната заедници, која се остварува на едно место – во храмот и на богослужението. Таму сите стануваме едно, принесувајќи се како едно.   

ПРЕС24: Има ли капацитет МПЦ да им објасни на своите верници како и зошто се празнуваат празниците?

Г. ЈОСИФ: Тоа е процес и во историјата на Православието имало многу случаи кога Црквата се борела со некои појави коишто се обидувале да се интегрираат, а биле или оставнина од паганското верување, или пак од други религии и верувања или се некои новокомпонирани нарави. Црквата ништо не прави на сила. Таа својата проповед ја шири со љубов и смирение. Ако погледнете и до ден денес сè уште се објавува и шири спасоносното евангелско слово. Отуѓеноста на луѓето од Црквата и активното живеење на верата, немањето соодветна и постојана поука за верата во училиштата, ја создаде состојбата што ја имаме денес, кога и не се знае што, но и како да се празнува. А гордо се кажуваме дека сме православни. 

ПРЕС24: Во негативните коментари не изостанаа критиките за живото на висока нога на црковниот клир... Особено делот што се однесуваше на донацијата на дрвата за сиромашните.. Во овој контекст критиките беа дека МПЦ не прави ништо за сиромашните преку целата година, зошто пак сега некој да ги донира дрвата за сиромашните?

Г. ЈОСИФ: Тоа се празни обвинувања и, за жал, доаѓаат од поединци и групи за кои Црквата е секогаш дежурен виновник за тежината на нивната лична совест. Тоа што некој таму не чул за социјалните активности на Црквата, не значи дека ги нема. Во овој повик не беше вклучена само социјалната мотивација, а со тоа и моралната – да им се помогне на тие што немаат, туку се алудираше и на поткренување на општествената одговорност во моменти кога сите ги трпиме последиците од загаденоста на воздухот. Па ако Црквата не нè мотивира и поучува на добродетелност – тогаш кој? И ова Црквата го прави постојано во своите проповеди. А за перцепцијата кон свештенството и наводниот живот на висока нога - тоа е повеќе негативна пропаганда на која некој слепо верува. Свештениците живеат нормално, секако не се загрозена категорија. И повеќе од достојно и професионално го зароботуваат својот приход. За тоа вложиле, се образувале. И како и секоја друга професија – работат, за да заработат, да живее нивното семејство, но од нивното работење живее и целата Црква со сите свои сегменти. Секој еден свештеник денес може и да служи Литургија, и да проповеда, потоа да исповеда и да ги слуша маките и страдањата на луѓето, во сето тоа да поучи, поткрепи и поттикне, потоа да отиде на погреб и да земе учество во тагата на роднините и пријателите, да крштева и венчава, учествувајќи во радоста на роднините и пријателите, да отиде дома и да ги прегрне своите, да се грижи за домот и семејството од секој аспект, а и самиот има потреби. Секое објаснување, ќе биде сфатено како оправдување, не е тоа целта. Но овие нешта што ги наметнав, нека бидат само поттик за пологичен и посмирен пристап кон давањето судови.        

ПРЕС24: Оваа година за прв пат се спроведе една иницијатива за враќање на традиционалните бадникарски песни, со замена на оние невкусни песни што изминативе години децата ги пееја... Но, и ова не помина без отпор... Од тоа дека Вечниот Бог била грчка песна, па до тоа дека во ова се злоупотребуваат најмладите....

Г. ЈОСИФ: Тогаш мислам дека е повеќе од јасно кому не одговара враќањето на вистинските традиции и давањето на вистинската смисла на верувањето. Секако дека се неприфатливи, дури и смешни ваквите обвинувања. Прво, песната е дел од византиското наследство, периодот кој во Православието е од огромно значење, зашто тогаш е создаден огромен дел од православната традиција, култура и уметност. Според ова националистичко размислување, МПЦ треба да се откаже на пример од многуте црковни богослужби и дела напишани од отци коишто се родиле, твореле и живееле на просторот којшто сега, според човечките ограничувања, е дел од грчката држава? Или, пак, треба да ги отфрлиме евангелистите кои своите Евангелија ги напишале на грчки јазик? Второ, неолибералните обвинувања од типот „злоупотреба на младите“ итн., веќе не поминуваат, зашто тука никој никого не злоупотребува, кога е со согласност, во случајот и на децата и на нивните родители. И каде се сличните коментари кога децата се тераат, на пример, како задолжителна активност во државниот училишен систем да се облечат во костими и маски за денови кои никогаш не биле нашата народна традиција – на 1. април, за денот на вештерките итн. 

ПРЕС24: Во што е според вас причината за ваквиот отпор кој се јавува кај дел од граѓаните?

Г. ЈОСИФ: Причини се повеќе и некако се поврзани. Отуѓеноста од Бога и од духовниот начин на живеење, што во некоја смисла значи и недоволно познавање на својата вера. Второ, има голема одговорност за ова и кај нас, во црковниот клир, во нашиот начин на носење на одговорноста и задачата. А нешто доаѓа од и нашиот карактер како народ – тешко прифаќаме авторитети, тешко се прилагодуваме, се навикнуваме на поедноставни работи, каде што не треба да се прави подвиг.

ПРЕС24: Неодамна излезе едно истражување за перцепцијата на граѓаните за религиите во Македонија. Според него во 97 проценти населението во Македонија се декларира како припадници на една или друга религија. Од нив 75 % се православни Христијани. Но тоа истражување покажува едни парадокси... на пример деклариран православне Христијанин, вели дека не верува во постоење на Бог.. Како е тоа можно?

Г. ЈОСИФ: Тоа е она за кое говорев и претходно – сметање на религијата за некакво помодарство или, пак, за фолклорно наследство. И тука се завршува – со формалноста, нема никакво пренесување на вистинските вредности од религијата и во својот живот и на своите предци, нема доволно познавање на нејзиното учење, нема живеење на истата. Затоа на нашата Црква и претсои подвигот за вистинско воцрковување на народот.  

ПРЕС24: Вие сте веќе неколку години Архиереј на новата Тетовско-гостиварска епархија, како го оценувате досегашниот развој на црковниот живот на епархијата?

Г. ЈОСИФ: Епархијата проилезе од поранешната Полошко-кумановска епархија и во некоја смисла овде имаше воспоставен црковен живот. Секако, соглансо промените што настанаа од побелбата, веднаш мораше да се реагира и да се воспостават потребните тела за да може и да се отпочне со работа и дејност. Во овој период најмногу сме насочени кон завршување на неколкуте градежни проекти – како конакот при манастирот „Свети Наум“ на Попова Шапка и храмот во н. Циглана во Гостивар. Паралелно со тоа се трудиме и за мисионерската дејност, преку организација на часови по веронаука за повозрасните во храмовите, преку редовните богослуженија и издавачката дејност.

ПРЕС24: Доаѓате од редот на монасите во Македонија, има ли планови епархијата за развој на монаштвото во поголем обем и во овој крај на државата?

Г. ЈОСИФ: Уште во некои минати интервјуа кажав дека монаштвото не е едноставен производствен процес на создавање. Бара многу трпение за неговото создавање, а на крајот сè ќе биде Божја волја и Бог ќе промисли според нашите дела. Монахот треба самиот слободоволно да го прифати, да го возљуби таквиот начин на живот. Човек не може да биде натеран да стане монах или, пак, да му биде понудено. Монаштвото е жртва, откажување, лишување и бегање од светот. Затоа треба да се биде претпазлив, за да не се направат грешки и да не се создаваат монаси и братства и сестринства со луѓе кои нема да го сакаат таквиот подвиг, а кој во монаштвото нашле или некакво прибежиште од својата нереализираност во светот или, пак, бараат добра основа за кариеризам во структурата на Црквата.

ПРЕС24: Како го оценувате верскиот соживот во Вашата епархија?

 

Г. ЈОСИФ: Верскиот соживот е традиционална вредност на народите што живеат во овој дел од Македонија. Лично сме задоволни од соработката со другите верски заедници. Сега засега немало ниту некакви несогласувања или, пак, проблеми меѓу верниците на различните заедници. Тоа се должи на длабоката традиција на почитување на различноста и на другиот. Видете, луѓето научиле да живеат заедно, да живеат со секојдневието, кое ниту е полесно ниту е потешко од оној што во некоја смисла е поинаков. Сè додека не дозволуваме мешање и не им оставаме простор на тие што сакаат да направат проблем,, ќе биде во ред.

 
 
14.01.2017 - 11:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега