Охрид ќе добие нов откупен центар за овошје

 Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски денеска најави изградба на откупен центар за овошје во Охрид.

- Изградбата на овој откупен ценар би била иницијатор за забрзување на развојот на овоштарството во охридскиот регион, посебно за  охридската цреша што е карактеристична за ова поднебје, рече Димоски по неговата средба со охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, изразувајќи задоволство од степенот на соработката со охридската локална самоуправа.

Како локација за изградба на откупниот центар и ладилник за овошјето е посочено селото Лакочереј. Веќе се подготвува планска документација за пренамена  на земјиштето од страна на Секторот за урбанизам и просторно планирање во општината. Врз основа на документацијата, ќе следат постапки за договарање со странски инвеститор.

- Во изминатиов период имавме голем број инвеститори заинтересирани за изградба на ваков откупен центар со што ќе се остварат и нашите ветувања кон граѓаните кои живеат во овој дел, а секако и останатите земјоделци ќе бидат стимулирани да го развиваат производството посебно на познатата охридска цреша и останатите култури, пред се овошјето. Нема да го развиваат само својот бизнис, туку ќе оставруваат нови вработувања, токму она што е и наша круцијална цел, истакна по средбата градоначалникот Бакрачески.

За подобрување на состојбите неодамна беше отворена канцеларија при Секторот за туризам и локален економски развој чии активности имаат за цел да се поттикне развојот на земјоделството и да се обезбеди стручна помош за производителите преку навремено детектирање на проблемите и утврдување начини за нивно брзо решавање.

Градоначалникот Бакрачески најави повеќе мерки за развој на земјоделството во Охридско и привлекување инвестиции. 

ФОТО: Сител

најчитано сега