Коњановски: Ќе инвестираме 5 милиони евра за изградба на хидромелиоративни системи во Тиквешко

Државата ќе инвестира 5 милиони евра во Тиквешко за изградба на нови хидромелиоративни системи и за рехабилитација на постојната мрежа за наводнување, информираше денеска заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

- Развојот на земјоделството е нераскинливо поврзан со развојот на системите за наводнување. За таа цел како Влада изминативе години обрнуваме посебно внимание на овој сегмент. Инвестираме во изградбата на нови системи и брани за наводнување на замјоделско земјиште, како и во санација и рехабилитација на постојните системи, рече Коњановски по пуштањето во употреба на пумпната станица „Сува Гора” со која ќе се наводнуваат дополнителни 200 хетари. 

- Изминатиот период инвестиравме во речиси сите системи за наводнување. Но, свесни за климатските промени и нивното влијание врз културите, воедно земајќи ги превид анализите за тоа кои од нив ќе бидат најзагрозени, ќе продолжиме со вложувања во овој регион, нагласи Коњановски.

- За жал, многу често мрежата за наводнување намерно се оштетува, а тоа подоцна создава сериозен проблем за поголема група земјоделци, апелираше тој.

За значењето на наводнувањето во земјоделството и придобивките од секоја можност за наводнување, зборуваа и директорот на водостопанството „Тиквеш“ Љубе Димов, како и градоначалникот на Кавадарци Александар Панов. Димов нагласи дека „Сува Гора” е смело решение со кое, додаде Панов, се остварува уште едно предизборно ветување.

ФОТО: Сител

14:17

најчитано сега