Од Македонија за 10 години незаконски се одлеaлe 4,6 милијарди долари
Претседателката и соосновачка на Институтот Адријатик за јавна политика, Наташа Срдоч, во интервју за Гласот на Америка на македонски, зборува за јавна политика, проблемот со корупцијата, криминалот и даночното затајување во изминатите 10 години, а во контекст на најавата дека Институтот, заедно со организацијата Глобален финансиски интегритет од Вашингтон, ќе започне нова студија за нелегалното одлевање на пари од Балканот во периодот од 1991-ва до 2011-та.
- 111,6 милијари долари се одлеани од Балканот, од земјите на поранешна Југославија, Романија, Бугарија во периодот меѓу 2001-2010-та. Преку облици на криминал, корупција и даночно затајување, мито, има илегално одлевање на пари во различни банки. Мора да се стори нешто за ова. Бројките се шокантни. Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии. Инвеститорите со чесни намери го одбегнуваат регионот, знаејќи дека нема владеење на правото, независност на судството и заштита на сопственичките права, вели Срдоч за Глас на Америка.
Според Срдоч, криминалот, корупцијата и даночното затајување однеле големи пари и од Македонија.
- Македонија загуби 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001-2010 преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, владини официјални лица. Тоа е голема бројка. Се работи за 44 проценти од бруто домашниот производ во 2011-та, вели Срдоч.
Според Срдоч, Србија најмногу страда од ваквиот тренд. Од оваа земја се одлеале над 51 милијарда долари за десет години. Во однос на процентот од бруто домашниот производ – Црна Гора - 138%.
Срдоч смета дека за да запре растечкото осиромашување на 64 милиони жители од Балканот, земјите треба да се справат со владеењето на правото, независното судство и заштитата на сопственичките права.
- Не можете да се справите со овие проблеми ако не се справите со владеењето на правото, независното судство и заштитата на сопственичките права. Има големо политичко влијание врз судството. Затоа нема решение на ваквите случаи. Треба да се известува за одлевањето на парите. Треба да конфискува илегалното богатство на владините официјални лица и политичари од 1991-ва во сите земји од регионот. Меѓународни судии и обвинители може да им помогнат на чесните колеги од тамошни земји. Тоа ќе биде поттик да се појави нова генерација судии која ќе гледа на правосудството како на чесна професија, а така на неа не се гледа во моментот, истакнува Срдоч.
ФОТО: Глас на Америка