Во тек е огласот за запишување македонски студенти на додипломски студии во Рим
Министерството за здравство потсетува дека во тек е оглас за запишување студенти од Република Македонија на шестгодишни додипломски студии во академската 2013/2014 година на Факултетот за медицина и хирургија „Агостино Џемели” во Рим. Огласот е во рамки на соработката на Министерството со католичкиот Универзитет „Свето Срце” во Рим и потпишаниот заеднички Меморандум за разбирање и соработка.
Од Министерството информираат дека потребно е да достават писмо за интерес до Министерството за здравство најдоцна до 3 август на [email protected]. Конкурсот, како што се наведува, е отворен до 5 август (процедурата трае два дена), по што ќе следи приемен испит, кој ќе се одржи на 16 септември во 14 часот и ќе биде на англиски јазик, како и наставата. За државјаните на земјите кои не се членки на ЕУ е предвидена квота од 20 студенти. Годишната партиципација изнесува околу 15.000 евра.
Од Министерството информираат дека годишната партиципација за студиите и дополнителните трошоци за приемниот испит се покриени од Владата на Република Македонија.
За тестирањето на кандидатите од Република Македонија, како што се посочува, ќе биде испратена двочлена комисија од Италија која ќе го спроведе приемниот испит. Основен предуслов е познавање на англискиот јазик, за кој кандидатите ќе треба да достават доказ за познавање англиски јазик кој ги задоволува еден од следниве тестови со неопходниот број на поени/оценка: IELTS = 6.5, TOEFL IBT ≥ 85, TOEFL Computer Based ≥ 225, TOEFL Paper Based ≥ 565, CAMBRIDGE ESOL FCE grade A, CAMBRIDGE ESOL CAE, CAMBRIDGE ESOL CPE.
Кандидатите кои учеле во средни училишта каде наставата се одвивала на англиски јазик нема потреба да достават сертификат за познавање англиски јазик. Приемниот тест се состои од 100 прашања со понудени повеќе одговори од кои точниот треба да се заокружи. Дополнителни информации за процедурата на запишување на додипломски студии може да се добијат од Министерство за здравство, а се достапни и на веб страницата на Универзитетот: http://roma.unicatt.it., стои во соопштението.