За влакно ја избегнал смртта: Братот на Висар Бегај во последен момент се качил во друг авион

brat-begaj

Во коријата над селото Кожле – скопско, во исклучително непристапен терен, припадници на специјалните полициски сили, единици за брзо распоредување и јавното обвинителство денеска вршеа увид местото каде урна се урна приватниот авион од типот „ПАЈПЕР ПА 34“ со германски регистарски ознаки и загинаа сите пет патници и пилотот. Авионот полетал од Тревизо Италија, летал над јадранското крајбрежје, а крајната дестинација му била Приштина, каде требале да учествуваат на аеро- митинг. Авионот го управувал претседателот на клубот Франческо Монтањер, а со него биле и Дарио Бастасин, италијанката Илариа Берти, косовецот со двојно државјанство Висар Бегај и уште еден италијанец, пишува ДНЕВНИК.

На местото каде се урна авионот, има многу полиција, теренот е комплетно обезбеден, но силниот дожд, многу кал и непристапниот терен го отежнува пристапот до несреќата.

Според очевидци, мештани на селото Кожле, авионот најверојатно имал проблем да го искачи ридот кој бил пред него, велат слушнале како силно му бучат моторите на авионот што прелетувал, како да се мачел да се искачи над ридот, и кусо потоа се слушнал удар.

Ударот на авионот бил толку силен што три од патниците се комплетно смачкани во кабината на пилотот, а другите се во многу лоша состојба или се буквално расфрлани околу кршот од авионот.

Од МВР велат дека и покрај тешко пристапните услови, се координираат и преземаат мерки за прибирање и утврдување на фактите и причините за несреќата. Увидот го вршат двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.

По наредба на јавен обвинител обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата.

Истовремено, во Јавното обвинителство се испитале и двајцата пилоти од Италија кои биле со другите две летала кои сеуште се приземјени на аеродромот „Александар Велики“. Испитувањето се врши со цел да се приберат што е можно повеќе податоци.

Но, како дознаваме другите два авиони кои летале зад авионот што се урна биле оддалечени само една минута лет пред нив, и како изјавиле патниците и пилотите од другите авиони, не забележале никаква експлозија или воопшто не ја виделе несреќата.

Основното јавно обвинителство Скопје повика и стручно лице кое е компетентно за овој вид на несреќи, со цел да придонесе кон истражните дејствија.

Од извршениот преглед на терен пронајдени се сите делови од авионот и тоа крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефони, карти за патување и една италијанска патна исправа.

Од Италијанската амбасада во Скопје велат дека во соработката со македонските власти се врши процедура за идентификација на жртвите преку ДНК и други методи.

-Ако некој од роднините сака да дојде до Скопје, ќе им пружиме помош и поддршка. Амбасадата ќе ги преземе сите легални процедури за да ги врати телата на починатите во земјата, велат од Италијанската амбасада.

Медиумите пренесуваа дека во авионот биле 4 италијански и двајца државјани на Косово, но точната информација е дека сите патници и пилотот се Италијани, само еден од патниците има двојно државјанство, косовско и италијанско. Забуната ја направила листата на летање каде во авионот биле пријавени двајца браќа од Косово, но како дознаваме неофицијално едниот брат во последен момент се прекачил во друг авион кој слетал во Загреб, а требало да пристигне во Приштина на истиот аеро- митинг.

Сите погинати ќе бидат погребани во Италија, а едниот патник со двојно државјанство ќе биде погребан на Косово.

Инаку авионот требал само да извршат прелет, над Македонија, но се пријавиле на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за да дополнат гориво.

Но според информации од МВР 17,36 часот дежурен полициски службеник ја известил Единицата за известување и команда при СВР Скопје пријавил дека од аеродромот „Александар Велики“ Скопје на 10 километри кон Велес се изгубил комерцијален авион со шест патника во него.

Се претпоставува дека лошите временски услови биле причината за падот на авионот.

Два километри од селото Кожле, кај месноста Кремење, општина Петровец, во 17.40 часот авионот исчезна од радарите на контролата за летање на скопскиот аеродром. Авионот на аеродромот бил пријавен за полнење на гориво, по што требало да го продолжи.

 
 
07.09.2016 - 16:54

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега