За 15 месеци 55.000 жени направиле ПАП тест - кај 10 од нив откриен карцином

Вкупно 55 илјади жени направиле ПАП тест од април минатата година досега. Од нив, 32 илјади се јавиле на гинеколошки преглед по покана од матичниот гинеколог, а останатите самоиницијативно направиле ПАП тест.

Од направените ПАП тестови, од 5 до 8 проценти се позитивни. Најголем процент од нив, околу 40 проценти, се ХПВ вируси, додека кај 10 случаи е констатиран рак на грло на матка.

Според раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство Јованка Костовска, бројките за скринингот се задоволителни затоа што од вкупно поканетите 67 илјади жени 32 илјади или 48 проценти се јавиле на преглед и направиле ПАП тест што е над светските рамки каде процентот е околу 30.

- Како Министерство сме задоволни од почетокот и прогресот на скринингот бидејќи процентот на јавени жени што се поканети на домашна адреса е голем, односно 48 проценти за разлика од другите европски држави каде само 30 проценти се јавуваат на поканите. Голем е и процентот на жени кои самоиницијативно одат на гинеколог и бараат да направат ПАП тест. Во иднина сакаме бројот на поканети жени и одѕивот да бидат поголеми, истакна  Костовска на денешната прес-конференција.

Скринигот за рано откривање на карцином на грло на матка е предвиден во Програмата за малигни заболувања на Министерството за здравство и почна да се спроведува од 1 април минатата година. Лани со скринингот беа опфатени жени од 24 до 35 години, годинава се покануваат жените од 36 до 48 години со можност ПАП тестот да го направат и оние кои минатата година не го искористиле тоа право. Следната година е планирано со скринингот да бидат опфатени жените од 48 до 60 годишна возраст.   

Скринингот го спроведуваат 136 матични гинеколози кои лекуваат околу 450 илјади жени. Сепак, над 100 до 150 илјади жени се уште немаат избрано матичен гинеколог.

најчитано сега