Борисов: Опасно е да се ревидира бугарската позиција кон Македонија
Секоја ревизија на бугарската позиција за членството на Македонија во ЕУ е штетна и опасна за националните интереси, истакнал поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов по средбата на бугарскиот и македонскиот премиер во неделата, пренесува бугарскиот весник „Дневник“.
Според него, „враќањето кон политиката на компромиси и отстапки нема да придеонесе ниту за поголеми права на лицата кои се изјасниле како бугарски граѓани во Македонија, ниту да го запре говорот на омразата, ниту пак за откажување од националните, етничките и последователно територијалните претензии“.
- Бугарија безусловно треба да ја поддржи евроинтеграцијата на Македонија и нејзиниот пат кон европските вредности. Таа позиција не треба во никој случај да биде за сметка на националните интереси на Бугарија и со компромис за нашето историско и културно наследство. Орешарски треба јасно да каже - прво договор, па поддршка, вели Борисов.
Според лидерот на ГЕРБ, првиот неопходен услов за поддршката на Бугарија треба да биде договорот за добрососедство во кој јасно ќе бидат определени како правата така и обврските на Македонија.
Во средината на февруари, неколку дена пред да поднесе оставка како премиер Бојко Борисов со неговиот македонски колега Никола Груевски презедоа ангажман за развој на политичкиот дијалог и активирање на средбите на високо ниво меѓу двете земји.
Бугарскиот премиер Пламен Орешарски во неделата по средбата со премиерот Никола Груевски во Ќустендил изјави дека Бугарија ја поддржува интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, но инсистира на договор за добрососедство.