Некрофилија

 

Бог да ги прости сите оние што загинаа во страотната природна катастрофа на 6-ти август годинава. Сочувство до нивните семејства и блиски. Жалам за загубите на сите мои сограѓани од погодените реони на Скопје и во неговата околина. Очекувам институциите во Република Македонија да ги преземат сите неопходни мерки за ублажување на долгорочните последици од несреќата. Го молам Господа да ги утеши сите што на било каков начин настрадаа при поплавите, особено оние кои загубија некого од семејството.  Ги повикувам сите граѓани на Република Македонија да се вклучат од секој аспект спрема своите можности да помогнеме на нашите настрадани сограѓани.

Ова се моите најдлабоки човечки и Православни Христијански чувства за трагедијата која ги задеси нашите сограѓани во Скопје и околината по катастрофалните поплави.

Природните несреќи и катастрофи се многу и повторно многу тешко предвидливи. Вообичаено доаѓаат ненадејно без претходни знаци за нивна можна појава, истите се краткотрајни, но до катаклизмички граници рушечки и притоа оставаат долготрајни и тешки последици. Тоа што може да се направи во вакви ситуации е единствено да се обидеме да ги намалиме подоцнежните последици и евентуално со некои мерки да се обидеме да ја намалиме ранливоста на населението, бидејќи човечките животи и опстанокот на населението е приоритет на државата во секој миг, а особено при ваквите катастрофи. Дури потоа е се останато, а на крајот и политиката.

Ете така, токму политиката која во овие за дел од нашите сограѓани страдални мигови требаше да биде последна работа, како по правило се истрча во преден план. И од кого друг ако не од СДСМ. Од мудреците на СДСМ кои со своите пораки на социјалните мрежи и јавни настапи го покажаа и промовираа своето некрофилство.

Нема да споменувам имиња, бидејќи не е во ред да се водат лични пресметки и да се бламираат во јавноста луѓето кои самите себе веќе доволно се избламираа и ги покажаа јавно своите и така сомнителни морални капацитети. Напротив, сметам и дури  цврсто сум убеден дека тоа е резултат на една континуирано некрофилиска политика која СДСМ ја спроведува не само врз граѓаните како поединци и личности, туку и врз целата нација, а на крајот и врз државата како меѓународно – правен субјект.

Да појаснам зошто е тоа така.

Прво: Да си полн со „политички триумф“ што загинале твои сограѓани во природна катастрофа и тоа да се обидуваш меѓу редови да го протнеш како „политички жртви“ на Владата, покажува континуитет на безидејноста со која СДСМ се обидува да се добере до власта па дури и преку несреќата на сопствените граѓани, прикажувајќи ја како политичка борба. Нискост од незапамтен формат. Помраченост и некрофилија до дно.

Второ: Да немаш елементарно чувство дека само ден-два по несреќата погодените граѓани имаат потреба од утешителен збор, добра мисла насочена кон планови за брзо обновување на уништеното и конкретна помош на терен, туку да испраќаш дури од Прилеп забегани политички провокатори со цел да се предизвика инцидент, претставува политичка кусогледост, но и етичка и морална пропаст на оние кои дошле на таа идеја, кој ја организирале и се обиделе да ја спроведат, а нечист ум на самиот извршител. За состојбата на совеста која ќе треба цел живот да ја носите, доколку воопшто ја имате несакам да коментирам.

Трето: Да поттикнуваш граѓани во медиумите и на социјалните мрежи да се претставуваат како жртви од природната катастрофа, а на кои веќе неколку дена не им е пружена елементарна помош во храна и вода, а тие тоа не се, односно немаат никаков допир со погодените населени места, и со тоа се обидуваш да внесеш дефетизам и малодушност меѓу граѓаните, да ги претставиш институциите како неспособни, го омаловажиш напорот на сите оние кои чесно, хумано и совесно се обидуваат да помигнат на настраданите, покажува дека некој за политички цели и недела е подготвен да си поигрува и со самите тие простодушни и изманипулирани луѓе кои учествуваат во оваа опасна игра. Инаку, ширењето паника, дезинформации и дефетизам како недоверба во институциите на државата и на тој начин попречување на функционирањето на системот во воени и вонредни состојби се накажува најтешко. Па сега „камаради“ од СДСМ и Левица размислувајте во што сте подготвени да се впуштите за сопствени интереси, а на штета на државата. Ова е вашата слика како би се однесувале доколку не дај Боже треба да ја браните Македонија, односно дали воопшто помислувате да ја браните сопствената татковина.

Четврто: Кога и во најтешката позиција за Република Македонија во меѓународните односи, повторно креирана и наметната или усложена од страна на СДСМ со нивните антидржавни активности на меѓународен план, државата ќе успее да се наметне како сериозен кандидат за лидер на една регионална организација од областа на безбедноста и во таа меѓународна промоција на отворен конкурс ќе декларира човек кој со своето портфолио е препознаен на меѓународно ниво, а во исто време СДСМ преку СЈО ќе се обиде со измислици и лаги да го урне кредибилитетот на личноста која на највисоко ниво треба да ја претставува Македонија, тогаш тоа е отворен настап против сопствената држава и некрофилија кон Македонија во меѓународни рамки.

Петто: Да пишуваш писма до меѓународните финансиски институции и банки за да спречиш одвивање на планиран и нормален финансиски пазар на државата, а поврзан со нејзиното функционирање, во исто време претставувајќи ја сопствената држава за криминална и плашејќи ги странските банки и финансиски институции со кривични пријави претставува помрачување на умот и повторно некрофилија кон сопствените граѓани, нивната економска сигурност и кон финансиската стабилност на државата.

Доволни се само овие неколку конкретни примери за да видиме дека СДСМ е втемелена на некрофилски норми. Добро е сите да изумреме за тие да можат да дојдат на власт и да владеат.

По сите манипулации, измислици, обиди за уривање на државата, некакви „шаренковци“, специјалци од обвинители кои се со сомнителен морален и етички кредибилитет, а за професионалниот несакам да коментирам бидејќи претходно доста се пишуваше за тоа прашање на кое никогаш не добивме одговор, брутални притисоци врз луѓе, закани од највулгарен аспект, манипулации на секој начин и кодошење на државата во меѓународните институции, соработки со секакви белосветски разузнавачки служби, групации на актуелни и пропаднати агенти, па и поединци познати како белосветски шпиони кои работат исклучиво за сопствени финансиски интереси, на ред дојде и изживувањето врз сопствениот народ и задоволството од трагедијата која се случи на никој друг, туку токму на наши сограѓани.

Не е нормално човек да ликува на било чија несреќа, а опозицијата ликува над несреќата на сопствените граѓани и тоа час отворено, а час крајно перфидно и тоа се со една цел, остварување на политички поени пред следните избори на кој никакао да се согласат да излезат, а во недостаток на сопствена визија, идејност и програма се хранат со некрофилија.

Очигледно е дека СДСМ е на дно на моралната криза во која се западнати оваа политичка партија и нејзините сателити. Немањето капацитет, пред се човечки и интелектуален, како и безидејноста, резултираа со ова што денес можеме да го видиме на дело.

Всушност, доколку ги следиме јавните настапи и пишувања на луѓето кои се претставуваат како интелектуална елита на СДСМ и воопшто опозицијата, не би требало да бидеме изненадени од сето ова што можевме да го видиме и во последниве неколку дена поврзано со поплавите. Луѓе кои без страв и етичка одговорност хулат на Бога, повикуваат на отворено насилство и уривање на државата, односно покажуваат слава кон смртта и уништувањето или преку своите постапки се декларираат како некрофили, сигурно нема да најдат место во своите умови (не срца-умови само да би биле рационални не љубовни) за збор на сочувство или утеха кон оние кои настрадаа. Напротив тие гледаат политичка шанса во туѓата несреќа. Можност да се обвини Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, Владата, институциите и секој друг во Република Македонија дека се виновни за страданијата на нашите сограѓани.

За жал по којзнае кој пат јавно пишувам и ја повикувам опозицијата да се преуми, да ја смени својата истрошена матрица на негативизам и омраза до злоба и некрофилство. Тоа што го покажуваат нема воопшто да им помогне да се доберат до власта по секоја цена како што посакуваат. Нема да помогне ниту на граѓаните ни сега ниту во иднина. Ниту ќе помогне на оние што настрадаа во некои претходни несреќи како и во оваа последната.

Неопходно е преумување, повеќе хуманост, човечност и емпатичност. Чувство за тоа кога е потребно да се делува политички, а кога тоа е нечовечки-некрофилски, приземно и бесполезно. Природни несреќи и катастрофи имало и ќе има, не постои држава која е имуна на овие појави и која нема да претрпи последици и штети па и за жал човечки жртви во вака обемни и разорни несреќи. Но, потребно е барем малку повеќе човечност и добра мисла и секако позитивна идеја за подобра идна превенција и намалување на ранливоста, а за жал и овој пат можевме да видиме дека на нашата опозиција тоа и недостасува. Луѓето како од дното на душата да ја мразат сопствената држава и граѓани па во своите настапи покажуваат експлицитна некрофилија.

Господ да им е напомош и ним и нам.

Доцент д-р Оливер Андонов

 
 
16.08.2016 - 09:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега