ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Ад хок Комисијата да продолжи со работа и без претседател
ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде конструктивен дел од Комисијата за расчистување на настаните пред и на 24 декември во Собранието, како што беше и досега, изјави денеска Илија Димовски кој повторно апелираше до СДСМ активно да се вклучи во овој процес.
- Ние продолжуваме да влијаеме врз продолжувањето на работата на Комисијата. Тоа е еден од врвните приоритети што во моментов ги има Република Македонија и не заради политичките позиции на партиите туку заради интересот на Република Македонија и заради сите нејзини граѓани. Апелираме до СДСМ да се вклучи активно во овој процес, бидејќи целта која ја има овој процес не е да задоволи ниту една партиска агенда, ниту лична политилчка цел туку конечниот резултат од овој процес треба да биде подобрување на ефикасноста на работата на Собранието и одредени реформи кои треба да се спроведат за Република Македонија да може да продолжи понатаму, изјави Димовски.
Комисијата, според него, може да ја продолжи својата работа без претседател бидејќи е петчелна и веќе според утврден Деловник на работа на Комисијата.
Димовски потврди дека секојдневно членовите на Комисијата имаат средби со претставници на меѓународни и домашни организации. - Очигледен е интересот на повеќе субјекти околу работата на таа комисија, изјави Димовски.