Tрадиционална погранична средба во Трново
Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола по 33-ти пат ја организираше традиционалната погранична средба на народите на која во потпелистерското село Трново се собраа претставници на македонските здруженија од Албанија, Бугарија и Грција.
Присутните ги поздрави годинашниот покровител на манифестацијата, битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој им се заблагодари на сите учесници за поддршката што и ја даваат на Република Македонија.
- Оваа средба ги обединува здруженијата на егејците од сите краишта и е магнет за сите луѓе што сакаат да помогнат за иднината на нашата татковина. Оваа средба во текот на историјата влијаеше врз одлуки кои се однесуваа на развојот на нашата општина и на нашата земја. Оваа средба ги обединува Македонците, оние најсилните, најупорните, чие срце чука во ритамот на Македонија, истакна Талески.
Во името на здружението домаќин се обрати Ѓорги Волчевски, кој посочи дека годинашната средба е посветена на значајни датуми од историјата на македонскиот народ, односно периодот на Илинденското востание и Народноослободителната борба.
- Со голема горчина се сеќаваме на 1913 година кога во Букурешт се распарчи Македонија. Тоа беше желба на буржоазијата во соседните држави кои сакаа да ја освојат Македонија. Страдавме во Првата светска војна бидејќи тука беше Македонскиот фронт кој некои го нарекуваат Солунски фронт. Загинаа многу луѓе, и затоа ги повикуваме Владата на Република Франција и на Германија да и одадат признание на Република Македонија и да ја признаат под уставното име, рече Волчевски, заменик претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија со седиште во Битола.
На пограничната средба се обрати и Димитар Јоан од организацијата „Виножито“ која дејствува во Грција. Тој посочи дека собирот не е за тагување по минатото, туку да се гледа што може да се направи за иднината.
- Најголемата и можеби единствена незатворена рана од црните времиња на европскиот континент е раната на протераните Македонци од македонските села во Грција. За жал во 21 век сеуште има фамилии распрснати низ цел свет, иако треба да живеат во својот дом, рече Јоан.
Собирот во Трново го поздравија претставници на ОМО „Илинден-Пирин“, македонско здружение кое дејствува во Бугарија и на Македонско-егејското друштво од Врбник и Билишта кое дејствува во Албанија. Поздравно писмо беше прочитано од Македонско-егејската асоцијација од Нов Јужен Велс во Австралија.