Заедничка седница на македонската и бугарската Влада во Ќустендил
Македонската и бугарската Влада денеска ќе одржат заедничка мини седница во Ќустендил.
Делегациите на двете Влади ќе бидат претставувани од премиерите и четворица министри. За Македонија покрај премиерот Груевски во Ќустендил патуваат и министрите Никола Попоски, Љупчо Димовски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиевски.
Од друга страна во составот на бугарската делегација, која ќе ја предводи премиерот Пламен Орешарски, ќе бидат и вицепремиерот Зинаида Златанова, министерот за транспорт, информатички технологии и врски Данаил Папазов и министерот за земјоделство и храна Димитар Греков.
На средбите ќе стане збор за унапредување и продлабочување на добрососедските односи, за прашања од интерес на двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на регионот, продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена, за инфраструктурни проекти од регионално значење, и други прашања од заеднички интерес.
- Оваа средба е во функција на продлабочување на меѓусебните односи и унапредување и развој на добрососедските односи, порака за иднина на регионот интегриран во европските и евроатланстките интеграции, и можност да се дискутира за повеќе прашања како што се зголемување на економската соработка, надминување на предизвиците, за покрупните инфраструктурни проекти од кои имаат интерес граѓаните на двете земји, за трговска размена и соработка во земјоделството и за други прашања од интерес на двете земји, во секој случај ова е позитивен соседски дијалог и соработка и позитивен исчекор за перспективите на регионот, вели владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев.
Пред стартот на седницата која е закажана во 11 часот по македонско време, тет-а-тет средба ќе оствари премиерот Груевски со неговиот колега Орешарски, а поединечни средби ќе имаат и ресорните министри од двете земји.
Со оваа мини владина седница во Ќустендил Македонија ја продолжува праксата на развивање на соработката со соседните земји. Претходно Владата предводена од премиерот Груевски имаше заедничка средба со српската Влада.