Продолжи судењето за „Диво насеље" - обвинетите побараа одложување

Во скопскиот Кривичен суд денеска продолжи главната расправа по предметот поврзан со настаните од кумановската „Дива населба“, на која обвинетите Ф.Е., Х.А., С.У., Е.К., Г.С. и Л.К. наизменично се пожалиле на здравствени проблеми како резултат на транспортот од затворските установи, а нивните бранители побарале одложување на расправата, заради што Судскиот совет за кратко ја прекинал расправата и веднаш повикал итна медицинска помош, бидејќи покрај здравствените проблеми обвинетите се пожалиле и на надворешни повреди, се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.

По преглед на доктор од итна медицинска  помош, како што велат од Судот, до Судскиот совет доставен е извештај според кој тројца од обвинетите кои се пожалиле на здравствени проблеми пред докторот кажале дека немаат потреба од никаква терапија и помош, додека тројца се пожалиле на болки во рбетот по што им била дадена терапија и е констатирано дека сите шест обвинети немаат никакви видливи надворешни или други повреди и во моментот се способни да го следат судењето.

По добивање на извештајот, Судскиот совет констатирал дека не постојат причини  расправата да биде одложена, па затоа со одлука на Советот главната расправа продолжила со распит на заштитени сведоци, како што било планирано, поради што истата е затворена за јавноста.

- Како Суд, без да навлегуваме во причините за барањето на одбраната за одлагање на главната расправа, сметаме дека било какво одолговлекување на постапката не е во корист на ниту една од странките, се истакнува во соопштението од Кривичниот суд. 

 
 
14.07.2016 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега