ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски да каже што ќе изгради а не што ќе сруши

Господинот Андреј Жерновски веќе петти ден се занимава со тоа како да опструира, како да блокира и како да стопира работи кои се градат. Тој нема ниту една позитивна работа, ниту проект што би го направил или изградил. Веќе неколку дена ги лаже граѓаните и свесно создава конфликти за работи и постапки кои воопшто не се во надлежност на Општина Центар. Општина Центар нема надлежност ниту законска можност да ја стопира изградбата на овие објекти, а Жерновски е целосно свесен за тоа и упорно продолжува да ги лаже граѓаните. Жално е што последниците од ова негово лажење ќе ги сносат граѓаните на Општина Центар.

          После секоја негова непромислена постапка спротивна на законите од областа на градењето и урбанистичкото планирање, сите субјекти ќе имаат право да се заштитат себеси и да побараат оштета од Буџетот на Општина Центар. Со својата политика очигледно е дека Жерновски нема намера да реализира ниту еден проект, ниту да изгради нешто за граѓаните, туку намерата му е да создава конфликти базирани на сопственото лажење.

          Жерновски добро знае дека според Деталниот урбанистички план на локацијата на која што тој денеска зборуваше, е предвидена изградба на катна гаража. Деталниот урбанистички план е донесен во законска и транспарентна постапка и е актуелен и применлив. Локацијата, за која што Жерновски зборува, врз основа на Деталниот урбанистички план, е продадена на јавна лицитација на најповолниот понудувач со исклучиво право таму да биде изградено тоа што е предвидено според  Деталниот урбанистички план.

          ВМРО-ДПМНЕ повторно го повикува Андреј Жерновски да побрза со ревизијата која што ја најави и што е можно побрзо да објави дали има нешто спротивно на законите во сите постапки и процедури. Ние упорно ќе го постсетуваме, таа ревизија да ја заврши ден поскоро, да престане со политичките манипулација и да се зафати со реалните потреби на граѓаните. Доколку ја одолговлекува ревизијата и доколку одбегне да ги соопшти резултатите од ревизијата и на последниот граѓанин во Општина Центар ќе му стане јасно дека Андреј Жерновски е само обичен политички манипулатор.

(Интегрален текст од писмена реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на градоначлникот на Центар, Андреј Жерновски)

најчитано сега