Во недела заедничка седница на македонската и бугарската Влада во Ќустендил
Македонската и бугарската Влада во недела ќе одржат заедничка мини седница во Ќустендил.
Делегациите на двете Влади ќе бидат претставувани од премиерите и четворица министри. За Македонија покрај премиерот Груевски во Ќустендил патуваат и министрите Никола Попоски, Љупчо Димовски, Владимир Пешевски и Миле Јанакиевски.
Од Владата велат дека станува збор за позитивен чекор во насокака на унапредување на добрососедските односи. " Ќе се разговара за теми од интерес на продлабочување на соработката во повеќе области меѓу кои економијата, земјоделството, инфраструктурата. Од ваквите средби бенефит ќе имаат и Македонија и Бугарија и целиот регион", рече потпаролот на ладата, Александар Ѓеоргиев. Тој додаде дека една од темите ќе биде и договорот за добрососедски односи. Пред стартот на седницата која е закажана во 11 часот по македонско време, тет-а-тет средба ќе оствари премиерот Груевски со неговиот колега Орешарски, а поединечни средби ќе имаат и ресорните министри од двете земји.
Со оваа мини владина седница во Ќустендил Македонија ја продолжува праксата на развивање на соработката со соседните земји. Претходно Владата предводена од премиерот Груевски имаше заедничка средба со српската Влада.