СДСМ во „војна“ со весникот Дневник
Партиската активност е сведена на дневни ставови што ги објавува единствено новиот партиски портпарол, Петар Шилегов.
Во политичката анализа која ја објави дневниот весник Дневник, се наведува дека има лош старт на новото раководство и дека се тресат стаклените нозе на СДСМ.
Најголемиот дел од раководството на партијата е заминато на летен одмор. Тоа придонесува за уште поголемо отсуство на голем број на партиски членови. Токму тоа, според анализата на весникот, им оди во прилог на новото раководство, поради помалата контрола на процесот на избор на претседател на ОО, напиша Дневник.
СДСМ во писмена ракција удри по авторитетот на весникот.
„Вашиот медиум во денешниот текст под наслов ,,Се тресат стаклените нозе на СДСМ” на авторите Катерина Нешкова и Лепа Ѓоргиевска , пренесувајќи во најголем дел од текстот претпоставки, непотврдени информации и шпекулации прави уште една конструкција и груба манипулација и искривување на вистината со цел стекнување погрешен впечаток во јавноста за активностите и функционирањето на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија.
Дневник во споменатиот текст тврди дека партиските активности во СДСМ се сведени на минимум, дека речиси ги нема во јавноста партиските потпретседатели, дека владее дуализам помеѓу новото раководство предводено од Зоран Заев и пратеничката група, дека со СДСМ се управува како акционерско друштво, дека новото раководство ќе протнува свои луѓе при изборот на претседатели на општински...итн.,итн. Притоа изјавата на поранешниот претседател Зоран Јовановски и официјалниот став на СДСМ за функционирањето на партијата целосно ги занемарувате и продолжувате со извлекување неточни и невистинити заклучоци за состојбите во СДСМ.
Но, интересно, за вас е од суштинско значење мислењето на премиерот за СДСМ, па велите, цитираме: ,,Груевски јавно констатира дека Заев ја нема целосната контрола врз своите функционери”.
Почитувани, ова ли е суштината и поводот за објава на уште еден шпекулативен текст за СДСМ. Дали уредувачката политика на Дневник ја врши улогата на пропагатор, дообјаснувач и разработувач на претпоставките и на небулозните тези на премиерот Груевски. Дали ова го правите своеволно, под притисок на вашето сопствеништво или по наредба и диктат на одреден политички субјект?
Иако добро знаете, но истото реално не го пренесувате, да ве потсетиме! СДСМ во период од сaмо еден месец, во Јуни 2013 година одржа 2 партиски конгреси. На 5-ти Јуни беше избрано ново раководство на кое му претходеше изборна постапка која постави нови стандарди на демократски избори за раководство на партија во Македонија. Во овој период сите кандидати за претседател на СДСМ дадоа интервјуа и гостуваа на медиуми што им одвоија простор. По изборите, Претседателот Зоран Заев беше интервјуиран и гостуваше на речиси сите медиуми во Македонија, а дополнително даде неколку интервјуа и за странски медиуми како што е Турската радио-телевизија, Фајненшал Тајмс, бугарската новинска агенција Фокус,итн. Раководството на партијата оствари средба со бугарскиот премиер Орешански. Заменик претседателот Радмила Шеќеринска беше во посета на В.Британија, Шведска, Хрватска. Беше реализирана средба и со претседателот на европскиот парламент Мартин Шулц.
Конституирани се телата и органите на партијата, а до средината на Септември ќе завршат изборите во ОО на СДСМ. Речиси истовремено ќе бидат докомплетирани и структурирани советите на партијата. На средината на месец Јули беше организиран летен камп на Социјалдемократската Младина на Македонија.
Вчера ве информиравме дека раководството на партијата и пратеничката група се во редовна и континуирана координација за презентирање на политиките на партијата.
Вие денеска одново шпекулирате со наводно неединство.
Потпретседателите, генералниот секретар, пратениците, функционираат со полн капаците и за тоа редовно ја информираат јавноста преку прес конференции и изјави за медиумите.
Само во текот на вчерашниот ден, потпретседателот Узунов одржа прес конференција, една од неколкуте во овој месец, на која ја повика владата да престане со енормното презадолжување на земјава. Портпаролот Шилегов го презентираше ултимативното барање на СДСМ до институциите веднаш да биде укината мерката притвор и на новинарот Кежаровски да му се овозможи да се брани од слобода. Пратениците на СДСМ жестоко дебатираа на комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство спорејќи ги мерките на владата за откуп на пченицата и аргументирано ги докажуваа нејасностите и сомнителноста на најавената инвестиција на контроверзниот Индиец Субрата Рој и неговата Сахара груп во земјоделскиот комбинат Џумајлија.
Меѓутоа, во денешниот број на вашиот весник нема ниту збор за овие активности на СДСМ. Значи,ниту збор за ставовите на опозицијата! Но,од руга страна, шпекулирате со состојбите во СДСМ, притоа потенцирајќи го мислењата на премиерот Груевски.
Јавно ве прашуваме. Ова ли е професионално новинарство? Дали медиум кој се смета за објективен на ваков начин треба да ја дезинформира јавноста и да ја замаглува вистината?
Кој и зошто му го прави ова на Дневник, еден од медиумите втемелувачи на постулатите на демократските процеси во Македонија? Со која цел уредувачкиот колегиум на Дневник го доведува на стаклени нозе авторитетот и кредибилитетот на весникот?
Воедно, ви укажуваме дека за ваквиот ваш однос кон СДСМ ќе ги запознаеме медиумите во земјава, сите релевантни домашни и меѓународни организации, како и дипломатско конзуларните претставништва на странски држави во Македонија.