Распишан конкурс за доделување еднократни финансиски средства за творечки дејности
Наставниците и соработниците од високообразовните и научни установи кои активно творат во областите ликовна, драмска, музичка уметност, архитектура, филм и книжевност и ја промовираат Република Македонија на престижни светски настани, може да аплицираат на Конкурсот за доделување на еднократни финансиски средства наменети за творечки дејности реализирани во 2012 година.
На денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски информира дека може да аплицираат оние кои учествувале или настапиле на фестивал кој е член на Европската асоцијација на фестивали, кои учествувале на меѓународен проект и манифестација надвор од Република Македонија, како национален претставник или учествувале или настапиле на меѓународен проект и манифестација надвор од Македонија, каде изборот на учесниците се објавува по пат на конкурс, аудиција или селекција. - На конкурсот може да се учествува со доставување пополнета пријава, доказ за учество или настап на некоја од споменатите активности и копија од уверение за државјанство на Република Македонија. Докементите, во два примероци, се доставуваат до МОН, најдоцна до 30 септември, рече Спировски и додаде оти документите ќе бидат разгледани од Комисија, формирана од министерството.
За оваа намена се обезбедени финансиски средства од буџетот на Република Македонија за 2013 година, а надоместот за творечки дејности е во еднократен бруто износ од 30 илјади денари по наставник или соработник.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потенцира дека овој проект ја покажува комплементарноста меѓу културата и образованието како сооднос кој неизоставно влијае врз унапредувањето на знаењата и афирмирањето на културата во светот. - Наградата што ја предвидува овој проект со сигурност ќе влијае во подигнувањето на капацитетите на наставниот кадар и ќе биде своевидно признание и поттик за посветено создавање нови генерации уметници. Проектот „Творечки субвенции“ е уште една потврда дека Владата, МОН и Министерството за култура безрезервно обезбедуваат поддршка за развој на творештвото, квалитетно образование и меѓународна промоција на културните вредности кои ги поседуваме како држава, рече Канческа-Милевска.
ФОТО: МТВ