Иванов и Попоски денеска на средба на лидерите од Брдо процесот
Денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов ќе учествува на средбата на лидерите од Брдо процесот, во Крањ.
На средбата, на која ќе присуствува и францускиот претседател Франсоа Оланд, како и претставници на Европската унија, лидерите на државите од Брдо процесот ќе дебатираат за клучните проблеми и можностите на регионот за интеграција во ЕУ.
Предвидено е претседателот Иванов да се обрати на пленарната сесија на состанокот, а ќе оствари и повеќе билатерални средби со учесниците на Брдо процесот.
На средбата, иницирана од претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Иво Јосиповиќ, е најавено учество на претседателите на Албанија Бујар Нишани, на Косово Атифете Јахјага, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, како и на членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ.
Во придружба на македонскиот претседател е и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски.