О Нил: ЕУ и НАТО да најдат начин да ја примат Македонија под својата капа без одложување
Време е меѓународната заедница и, пред се, владите на земјите-членки на НАТО и ЕУ посериозно да се свртат кон прашањето за името отколку што тоа го правеа во последните 20 години и да донесат одлука за отворање на преговори за членство на Македонија. По последниот одговор на грчкиот премиер Андонис Самарас на предлогот на предлогот на премиерот Никола Груевски јасно е дека грчката влада не сака да преговара за решение на прашање, вели Робин О Нил во интервју за програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.
- Дојде времето за НАТО и ЕУ да најдат начин да ја примат Македонија под нивната капа без одложување, односно да се договори отворање на преговорите за членство. Премиерот на Грција се обиде да ја префрли вината за одложувањето на ЕУ, а не на Грција. Но, со изјава на Европската комисија тоа беше отфрлено, со констатација дека се подготвува извештај за подготвеноста на Македонија за започнување на преговорите за членство од технички аспект што треба да се обелодени во октомври. Се надевам дека Владата на Македонија досега ги реши техничките прашања со институциите на ЕУ и прашањата што некои други земји членки ги покренаа, вели О Нил, кој беше прв преговарал во грчко-македонските разговори за името.
- Согласно меѓународното право, секоја држава има право да одбере име за самата себе. Сега е тешко да се разбере зошто владите на земјите членки на ЕУ и дозволуваат на Грција воопшто да го одржува ставот по ова прашање. Сепак, во интерес на добрососедските односи, македонските влади постојано беа во потрага по решение и спогодба со Грција за алтернативно име за Републиката за кое двете влади би се сложиле, вели поранешниот британски дипломат.
Според него, секој обид на Македонија да постигне напредок во врска со ова прашање беше блокиран од Грција и сега е време за сите други влади да го признаат тоа и да извлечат заклучоци. Ова прашање остана нерешено повеќе од 20 години и не може да се толерира ставот на Грција дека има спор и да одбива да дискутира и да го решава. Но, ете, вели, Грција го прави тоа. Исто така, посочува, не може да се толерира фактот што членките на НАТО и ЕУ продолжуваат да и дозволуваат на Грција да става вето на името Македонија, посебно поради фактот што во изминатите 20 години користењето на името Македонија во меѓународното право по ниедна основа не и наштети на Грција, вели О Нил.
- Време е владите на земјите членки на НАТО и ЕУ да признаат дека тука нема вистински спор, туку едноставно приговор од страна на Грција за користењето на Македонија на нејзиното избрано име поради домашни политички причини, и дека грчкиот став е целосно без покритие. Владата на Македонија исто така треба да го заземе ставот дека не се работи за легитимен спор во ОН. Во 1993 при донесувањето на препораката за прием на Македонија Советот за безбедност утврди дека „настанаа разлики (не го нарече спор) околу името на државата (т.е. Македонија) што треба да се решат во интерес на одржување на мирољубиви и добрососедски односи во регионот, вели О Нил.
Доколку постоеше такво прашање, тој вели оти тоа е веќе разрешено. И Грција и Македонија се договорија формално дека ниту една од страните нема територијани претензии, на границата помеѓу двете држави немаше никакви спорови во последните 20 години и користењето на уставното име од страна на Македонија во никој случај не доведе до дестабилизација на истоимената северна грчка провинција.
Со оглед дека Грција постојано одбива да соработува во напорите на Нимиц да се премостат разликите помеѓу двете земји, тој вели време е Македонија да покрене барање во ОН за прием под уставното име.
- Мислам дека е дојдено време македонската влада да се обрати до генералното собрание на ОН и да побара решение преку одобрување на приемот на Република Македонија под нејзиното уставно име со образложение дека условите што владееја во 1993 г. во врска со името на Македонија никогаш не добија свој правен легитимитет и дека по повеќе од 20 години попречување од едната страна за решавање на т.н. спор кој е заснован на погрешно барање со текот на времето се покажа како неоснован (дека користењето на Македонија на своето име не го дестабилизираше регионот) и дека е дојдено време за решавање на прашањето). Прашањето дали Македонија може себеси да се нарекува Република Македонија никогаш не претставуваше проблем. Време е да се оттргнеме од фикцијата дека овде имаме легитимен спор. И кога тоа ќе се направи и меѓународната заедница ќе прифати дека Република Македонија е токму тоа, наводните потешкотии во изминатите 20 години ќе исчезнат како никогаш да не постоеле, вели О Нил.
Македонија, според него, има поддршка од страна на официјален Лондон, и додава оти поддршката за земјата во Британија е многу поширока. Како пример ја посочува Масонската ложа 1717, која е најстара во светот и која дава поддршка за уставното име на Република Македонија.