Поднесени 14 кривични пријави во рамки на акцијата „Гора“

Во рамки на акцијата „Гора“ во текот на минатиот месец поднесени се 14 кривични пријави против 17 лица. 

Кривичните пријави се поднесени за вкупно 14 кривични дела од кои 10 се за „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“, а останатите за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „пустошење на шума“, „кражба во обид“ и „кражба“.

Кривични пријави за вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“ се поднесени против И.С. (35), М.Л. (53) Б.Р. (70), Д.Х. (33), Н.М. (29), Н.Л. (27), А.С. (62) Б.И. (30), З.А. (33) и М.И. (47). Тие во повеќе наврати вршеле транспорт на огревно дрво без да поседуваат лиценца.

За злоупотреба на службената положба и овластување поднесена е кривична пријава против Н.М. (26) заради тоа што тој како шумски полицаец во шумската полициска станица - Скопје во четири наврати во 2012 и 2014 година на четири лица, сторители на прекршок, им вратил дел од одземено огревно дрво и четири товарни возила кои претходно биле одземени поради сторен прекршок. 

За кривично дело „кражба“ пријавен е Е.А. (27) кој со намера за противправно присвојување дрва од туѓа шума исекол повеќе стебла огревно буково дрво во количина 1.40 метри кубни.

Против Б.М. (43) и М.С. (46) се поднесени кривични пријави за „кражба во обид“ бидејќи во атарот на селото Горно Смиљковци на месноста викана Ѓорѓинчево од парцела, сопственост на друго лице, сакале да украдат околу еден метар кубен дабово дрво и да го натоварат на коњи.

Кривични пријави за „пустошење на шуми“ се поднесени против М.С. (37), С.К. (21) и Е.А. Тие со намера противправно да присвојат огревно дрво во месноста викана Орманче во селото Бардовци со рачни пили извршиле бесправна сеча и пустошење на шума, соборувајќи повеќе стебла на дрва од вид јасика во маса од два кубни метра.

 
 
21.05.2016 - 13:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега