Шарената лага на револуцијата

 

Македонија не била, не е и нема да биде во скоро време зрела за независни граѓански иницијативи – „третата мисла“ во државата поради неможноста да опстои подолг период и/или поради што не е артикулирана од соодветни луѓе во соодветно време, е моментално проголтана од една од двете опции.

Здраво, како си? Дома, сите арни, живи-здрави? Чуј, ВМРО не си оди од власт со протести. Не само ВМРО. Никој не си оди од власт со протести. Од власт се заминува и на власт се доаѓа со избори. Барем во демократските општества во кои барем декларативно секогаш сме се пронаоѓале со својот интерес, иако често демократијата тука е поимана како „право на граѓанинот да одлучува позитивно за она што мене ми се допаѓа“.

Стрејт ту д поинт, ако? Ако. Предолго време немо гледав што се случува, чешав една глава не можејќи да си објаснам доста работи по улиците, тротоарите, фасадите, вечно мистериозните беспаќа на социјалните медиуми – но јебига, дојде време дојде час да се слуш-не-мо-јот-глас. Од тераса, па према ребра.

Да појаснам: под „Протести со кои не се менува власт“ мислам на оние случувања на улица кои беа планирани да се во предизборната кампања пред 5-ти јуни, ама Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов со својот обид да е татко на нацијата малку така ги убрза, па грижливо планираната спонтаност во протестирањето во предизборието доживеа предвремено породување и мораше да се излегува на улица сега (се слагам, ако не излезеа сега, ќе беше депласирано во мај во време на кампања). Инаку, има и протести со кои се доаѓа на власт. Ама за такви ти требаат и јајца и суштина извлечена од момент. Не се создава таков момент со спреј и шаблон од „Везе Шари“.

И прво да се договориме нешто околу спонтаните протести кои се организирани од неформалната граѓанска асоцијација „Протестирам“, а на кои „продолжува да им се приклучува“ (во работни денови) и опозицијата, како што сам соопшти лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Протестите ниту се граѓански и ниту се спонтани, а истовремено се и баш граѓански и релативно спонтани. Немам ниту секунда сомнеж дека стотици граѓани секој ден излегуваат на улица за да го искажат својот револт кон сенешто што го детектираат како погрешно кај власта. Ем е дозволено, ем е пожелно, бидејќи кога власта нема коректура „спонтано“ прави повеќе грешки отколку кога има сериозен и силен политички контерпункт, при што сите во државата посреќно си живеат во таков случај. Бидејќи ова не е таква држава и немаме силна опозиција, има добро во повремената граѓанска активност на укажување на малформациите во системот кои директно ги тангираат граѓаните.

Каде настануваат проблемите, бидејќи обвиузли проблеми има. Кога политичките партии, наидувајќи неспремни на автохтони граѓански иницијативи (оваа не е таква) ќе сакаат да си ги присвојат, или, пак, угушат со граѓански контра-тег бидејќи (правилно) сметаат дека ако тие не го сторат тоа, опонентот ќе си ги искористи (злоупотреби) граѓаните и нивните иницијативи во политичката арена. Против нив.

Така било секогаш досега, без исклучок. Македонија не била, не е и нема да биде во скоро време зрела за независни граѓански иницијативи – „третата мисла“ во државата поради неможноста да опстои подолг период и/или поради што не е артикулирана од соодветни луѓе во соодветно време, е моментално проголтана од една од двете опции.

Сум бил еден од иницијаторите на две здружувања на улица и како ден јасно знам што се случило, ерго што ви зборувам – првата иницијатива, граѓанско здружување, беше околу организирањето на протестите против промена на уставното име во 2008-ма, а втората се случи наредната година и се викаше „Прва архи-бригада“. И двете завршија поразлично и потрагично од планираното, а за мене и соборците во двата случаи и во полиција и (кој како) по судови.

И ова е само првиот случај кога имаме реална беља предизвикана од релацијата меѓу граѓанските иницијативи и политичките партии, односно моментот кога тој однос престанува да биде другарски бидејќи една од двете страни посакале – повеќе од другарство (при што претпоставувате кој кого сака да „ебе“).

Вториот случај е кога политичките партии сакајќи да симулираат масовна граѓанска подрршка околу некоја своја идеја ќе си замислат дека сите сме глупи слепци, па пред нос ќе ни бутнат сценарио. Според сценариото одеднаш се појавува ничим изазвана граѓанска „спонтаност“ околу некоја нивна идеја и во прв момент и наредните неколку моменти партијашите ќе се прават на Тошо, збунети како е можно некој да мисли како нив од граѓанскиот сектор, но среќни пресреќни што е тоа сепак така. Де јуре де. Де факто, тие приказни не проаѓаат ни на првиот час во првиот школски ден во прво одделение според реформираниот систем на образование, илити во забавиште по старо и позвучно.

Набргу потоа, според спонтаното сценарио на обединување околу „заедничка идеја“ партиите ќе се вклучат во иницијативата која е нели „спонтано излезена од граѓанските кујни“ и замисли е идентична со визијата на партијата по однос на тоа-и-тоа прашање (на пример: Иванов да поднесе оставка, изборите да се одложат и думриме сите вмрофчишта смрдени). Еднаш откако ќе се приклучат кон спонтано иницираната (од нив) граѓанска (ама ич) иницијатива, бидејќи тие се политичкиот субјект во приказната, ќе си земат обврска, херојска (бидејќи нема друг кој тоа да го прави, се разбира) да ги застапуваат интересите на граѓаните понатака во процесите кои би следеле како продукти токму на граѓанската активација – гласање за оставка на Иванов, гласање за одложување на избори и другите точки во агендата.

Идилично сценарио, нели? Но, како што ќе каже познатата и јавна специјална Фатиме Фетаи, не постои совршен злочин. Па така, не постои ни совршено фејкање на граѓанско обединување на кое ќе се приклучи политичка партија и кое би ја пратило пораката до секое ќоше во Македонија дека ете, сега не сака да ве заебе некоја си таму партија да ѝ верувате со некој политички штос или превара, туку сега граѓаните, тие истите како вас, неслушнатите, слабите, обичните, небогатите – се обединуваат! Сега вие сте моќните, вие ќе зборувате и ќе заповедате – а партијата ќе ве слуша што има да и кажете и ќе ви се покори! Откако се разбира прво ќе ви напише на ливче што треба да и кажете и на што треба да ви се покори.

Убаво звучи, а? Но, со тек на време ќе започнат после спонтаните граѓански протести да се појавуваат и високи партиски функционери бидејќи пусто срце јуначко не додржува, а да не се измеша со народ и да го фати камера како спонтаните граѓани му аплаудираат на месијата кој има политичка моќ и обврска да ги слуша граѓаните (кои ги беше збрал за да му пратат порака, али ќутете си за тоа).

Vox populi, vox dei! Ќе се појават и спонтани автобуси од спонтано индикативни градови и превозници на граѓани кои спонтано си одлучиле да си дојдат на спонтаниот граѓански шарен протест. Балоните со бои на протестот спонтано ќе ги донесат самоорганизирани младунчиња на партијата која се приклучува кон протестите. Па ќе влета и по некоја спонтана СМС порака со насока за присуство на спонтаниот протест, потпишана од партиски функционери, па некој ќе ја објави на нет и сите ќе се фрлиме во ужасавајучи севдах: „хеј, па зар е можно, па како е можно повторно партиите да ги беше вмешале прстите и во оваа независна граѓанска иницијатива?“. Абе шок и неверување.

Прочитајте повеќе на ТЕЛЕГРАФ.МК

 
 
25.04.2016 - 12:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега