Иванов на 19. Евроазиски економски самит во Истанбул

 

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Турција, по повод учеството на 19. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул.

Како што соопшти неговиот Кабинет, претседателот Иванов ќе се обрати на свеченото отворање на 19. Евроазиски економски самит, а ќе има и свое обраќање на претседателската сесија.

Во делегацијата предводена од македонскиот претседател, за време на работната посета на Република Турција, е и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции, Џери Наумоф.

Во соопштението од Кабинетот се посочува дека ова е шесто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум, кој секоја година се организира од 1998 година.

Годинава е најавено присуство на актуелни и поранешни државници, претседатели, премиери, министри, истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедниците од 40-тина држави.

Организатор на Евроазискиот економски форум е Мармара фондацијата, група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Фондацијата активно е вклучена во јакнење на економските врски, подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти. 

 
 
06.04.2016 - 08:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега