За предлог-законот за извршување ќе се гласа на утрешното продолжение на 98.собраниска седница

 

 Во рамки на 98. собраниска седница која ќе продолжи утре во 13 часот, ќе се гласа по дополнетиот предлог на Законот за извршување.  

Заменик министерката за правда Билјана Бришкоска Бошковски нагласувајќи дека Законот за извршување е донесен 2006 година посочи дека претставува едно од најреволуционерните решенија во правосдуниот систем во Република Македонија. Извршителите, информира, за последните години имаат добиено над 900 илјади предмети, при што само од предметите кои се однесуваат на наплата на парични побарувања  се наплатени над 830 милиони евра, кои повторно се внесени во правниот промет на земјата и се ефектуираат на целокупното стопанство.

- Следењето на динамиката на извршување покажува дека 54 проценти од извршните предмети завршуваат во рок од три месеци, 10 проценти во рок до шест месеци, 11 проценти до една година, а остатокот над една година. Ова покажува дека воспоставениот систем на извршување овозможува брза реализација на извршните исправи, доколку должникот има средства и оти целосно е надминат проблемот со екстремно бавната реализација на извршните предмети, појасни Бришкоска Бошковски.

Според неа, се предлага и донесување на целосно нов закон за извршување во насока на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведувањето на извршувањето, надминувањето на различните постапувања од страна на извршителите, како и пропишување јасни законски одредби за ефикасно спроведување на извршвуањето.

Пратениците од СДСМ не го поддржаа дополнетиот Закон за извршување.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за утре во 12 часот најави одржување нова собраниска седница, по која ќе се продолжи со 98.седница.

 
 
04.04.2016 - 18:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега