Пратениците по скратена постапка изгласаа измени на повеќе закони од различни области
Пратениците на попладневното продолжение од 98. седница го донесоа Законот за ратификација на Договорот меѓу Советот на министри на Албанија и на Босна и Херцеговина, Владите на Република Македонија, на Црна Гора на Србија и на Словенија, во врска со формирање на балкански медицински наменски сили.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски појасни дека со овој Договор, Скопје ќе стане седиште на балканските медицински наменски сили и се обезбедува координација на овие сили во услови на големи природни непогоди и упатување во заеднички мисии.
На седницата е усвоен и Законот за ратификација на измената на Протоколот 4 на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европските заедници и нивните земји членки од една страна и Република Македонија од друга страна, изменет со Одлука број 1/2016 на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ.
Собранието ги донесе и измените на Законот за заштита и спасување и дополнетиот Закон за зеленило.
Усвоени се и измените и дополнувањата на Законот за служба во АРМ, по скратена постапка, со кои, како што образложи министерот Јолевски, се овозможува станбениот фонд со кој располага МО да може да го изнајмува на активните припадници на АРМ, а корисниците на таквите станови да можат да ги откупат.
Пратениците ги изгласаа и измените на Законот за угостителска дејност, по скратена постапка, како и дополнувањата на Законот за азил и привремена заштита. Изгласани се и дополнувањето на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија.
Собраниската седницата ќе продолжи по половина час пауза, а претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги повика на координација пратеничките групи во Охридската сала во Собранието на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа