Колоски: Потребно е да се обединиме за името

 

За да се отстанат пречките за евроатланстката организација, Македонија треба да ги унапреди билатералните односи со клучните земји како што се Франција, Германија и САД и да создава пријатели во Европа и во светот. Мора да ги унапредува односите и со соседите, особено со Бугарија и Грција, иако има отворени прашања со нив.

Ова, меѓу другото, го истакнува претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски во интервју за МИА.

Според него, нема гаранции дека промената на името ќе значи веднаш влез во НАТО и ЕУ. Неопходна е, вели, поголема обединетост за прашањето за името и националните интереси.

ОМД интензивно лобира за признавање на уставното име, особено во Австралија, Франција и Германија, но засега нема најави за такво нешто во блиска иднина.

Настојувањата на ОМД се да ги анимира Македонците низ светот активно да ги промовираат интересите на Македонија. Проценка на организацијата е дека надвор од Македонија живеат меѓу два и 4,5 милиони Македонци.

Колоски во интервјуто ја најавува и Глобалната конференција на ОМД, која прв пат ќе се одржи годинава во Македонија, а на која централна тема ќе биде Букурешкиот договор и последиците врз Македонија и македонскиот народ.

Во продолжение е целото интервју со Мето Колоски.

ОМД се смета за водечка меѓународна НВО која ги застапува интересите и потребите на Македонците кои живеат надвор од Македонија ширум светот. Од формирањето до денес како ги оценувате постигнувањата во пресрет на 2014 кога треба да одбележите јубилеј 10 години?

- Пред се, најголемо постигнување е самото професионално присуство во центарот на политиката во светот – Вашингтон.  Обединетата македонска дијапсора (ОМД) е првата македонска организација, која има седиште во Вашингтон и која се обидува на еден поинаков начин да ги промовира интересите на Македонија и да придонесе за решавање на сите отворени прашања од државен интерес. На постигнување на овие цели во ОМД работи, вработен професионален кадар, а имаме и програма за пракса на студенти. Нашата цел е клучните фактори во САД, но и во другите држави во Европа, Канада и Австралија да ги запознаеме со македонското прашање и со нашите интереси. Затоа освен во САД имаме свои ограноци и во Канада, Австралија како и низ повеќето големи центри во Европа, а свое претставништво имаме и во Грција. 

 Во последениве 10 години колку што постоиме успеавме да се прошириме во целиот свет и се обидуваме нашите цели кои се секако и интерес на Република Македонија да ги реализираме во еден нов современ дух, кој кореспондира со реалните политички процеси и може да даде резултат. Значи, наша цел е да се издигнеме од оној емотивен пристап кон Македонија на дијаспората и низ конкретни реални активности во повеќе области да дадеме активен придонес кон развојот и напредокот на нашата татковина, Република Македонија.

Како најзначајни активности на ОМД  и нејзините соработници досега би ги споменал нашиот удел во признавањето на Македонија под уставното име од страна на Канада, Индија, и Унгарија.  Исто така, од 2007 година ОМД води активна  кампања за македонското членство во НАТО и можеби е една од најактивните организации во светот, која активно работи на оваа поле на стекнување на пријатели за Македонија. 

Особено сакам да ја потенцирам улогата на ОМД во формирање, градење на пријатели на Македонија во Конгресот на САД, и собранијата на Австралија и Канада. Ова е особено значајно бидејќи на тој начин значително е подобрен односнот кон Македонија. Се разбира, ни престои уште многу работа.

Имате ли прецизна бројка колку брои денес македонската дијаспора?

- Проценките се дека надвор од Македонија и регионот живеат помеѓу 2 и 4,5 милиони луѓе. Големи заедници имаа во САД, Канада, Австралија, но и во Германија, Србија, Хрватска, Романија, итн..

Се финансирате од членарина и по пат на донации. Сметате ли дека има интерес кај македонските иселеници за вклучување или поддршка на вашите активности?

Да точно. ОМД се финансира исклучиво од донации и членарина на Македонците и пријателите на Македонија надвор од светот.  ОМД не добива никакви средства од која било Влада во светот.  Не радува фактот што има интерес кај македонската дијаспора и се зголемува поддршката на нашата работа. 

Седиштето на организацијата е во Вашингтон, а една од активностите е и лобирање за македонските национални интереси во Конгресот. Колку е важно создавањето на Каукас групата за Македонија?

- Постојат правила во лобирањето и промовирањето на одредено прашање во одлучувачките центри што важат за сите. Во таа насока јасно е дека колку повеќе пријатели има Македонија во Конгресот на САД толку поголема улога ќе играат во креирањето на политика на Вашингтон кон Македонија. Во овој момемнт групата брои 19 члена. Минатата година 54 конгресмени испратија писмо до претседателот Обама да лобираат Македонија да добие покана за НАТО.  Иако не ја добивме, сепак администрацијата на Обама е запозната дека во Конгресот има група луѓе што се заинтересирани за Македонија.  За се треба време и јас сум убеден дека ќе успееме, но мора да бидеме истрајни во континуитет.

Ви претстои Глобалната конференција, која годинава по прв пат ќе се одржи во Македонија и која ја најавувате како настан со богата програма и содржини. Што очекувате од конференцијата?

- Очекуваме гости од 24 држави, меѓу нив и 44 научници кои се занимаваат на академска основа со прашања поврзани околу Букурешкиот договор од 1913 година, како и што се случило со Македонија и македонскиот народ од тогаш до денес.  Нашата цел е на оваа конференција да се обидеме да отвориме научна дебата за ова прашања, но не со цел да се бараат виновници или да се прави „лов на вештерки“, туку да можеме да се потсетиме сите ние каде водат недоразбирањата, да извлечеме  поука како да продолжиме понатаму и кои се можностите за развој на Македонија. Ние сме силно уверени дека заедно можеме да успееме низ една силна соработка со сите земји на Балканот и во светот. Имено, проблемите со кој се соочува Македонија сега потекнуваат токму од овој период. Ние, но и нашите соседи мора да разбереме дека не можеме да се вртиме во круг, туку заеднички да одиме напред.

ОМД е против промена на уставното име, но поддржува членство на Македонија во НАТО и ЕУ, што, пак, се условува со решение за името. Како да се отстранат пречките за македонската евроатлатнтска интеграција?

- Со унапредување на билатералните односи со клучни земји како Франција, Германија и САД и градење на повеќе пријатели на Македонија во Европа, особено кај земјите членки на НАТО и ЕУ. Исто така, мора да работиме на унапредување на односните со нашите соседи, а собено со Бугарија и Грција. Иако овие две земји имаат отворени прашања со нас ние треба да се обидеме да ја унапредуваме соработката во секој поглед.  Бугарија и Грција мора да влезат во 21 век и да прифатат дека Македонија и македонскиот народ постои, тука ќе остане и ќе биде дел од Балканот.  ОМД не гледа некакви гаранции дека ако утре Македонија ја промени референцата БЈРМ во ООН со некое друго име, дека земјата веднаш ќе влезе во НАТО и ЕУ.  Во Македонија треба поголема обединетост кога станува збор за прашањето за името, како и другите битни приоритети на Македонија.  Доколку тоа не се случи, се разбира дека ќе има фактори кои ќе сакаат да и наметнат нешто на Македонија. 

ОМД лобира за признавање на уставното име. Има ли најави за такво нешто од некоја земја во блиска иднина?

- Колку што сум запознаен, не.  Но, ОМД активно работи на ова поле, особено во Австралија, Франција и Германија, каде ОМД има претставници. 

Светскиот македонски конгрес ве обвини дека сте формирани како паралелна на нив меѓународна НВО со поддршка на американската администрација  и оти не уживате значителен интерес од Македонците во светот. Каков е вашиот коментар на овие обвинувања?

- ОМД е формирана токму оти имаше недостаток од професионална организација во светот, која активно на дипломатско ниво и во важни политички кругови ќе ги претставуваа интересите и потребите на македонскиот народ надвор од Македонија.  ОМД не е паралелна организација на никоја друга организација и не сака да биде видена како паралелна.  Секоја македонска организација во светот, се надеваме, придонесува кон доброто на Македонија и македонскиот народ.  ОМД е радосна што вратите во САД, Канада, Австралија и Европа и се отворени за комуникација и диалог. Активно работиме на тоа да едуцираме повеќе аналитичари и политичари за состојбите и предизвиците на Македонија и македонскиот народ, особено во соседните земји, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, и Србија.  ОМД не сака да критикува друга македонска организација и нивната работа. Напротив, ние сме отворени за соработка со сите.  Но, дефинитивно мислам дека што повеќе се навредуваме и критикуваме им помагаме на тие што работат да и наштетат на Македонија и македонскиот народ.  Обединети сме посилни и можеме повеќе.  Наша заложба е да бидеме позитивни и конструктивни и сите работи да ги решаваме низ дијалог.

(МИА)

ФОТО: Нова Македонија